Гледам дека станува актуелна темата со одлучувањето на Уставниот Суд, симтоматично преку ноќ, и на само неколку месеци пред изборите, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Неговиот Фејсбук статус го пренесуваме во продолжение:
„По се изгледа самата тема стимулирана од провладините структури, ми изгледа за предизборна стапица каде нужно ќе се навраќаме како јавност на старите теми, се со цел да се заборави она што е вистински актуелно, а тоа се десетиците коруптивни и криминални зделки кои остануваат не само неказнето, туку за кои нема ниту истраги, како кеш, вирус, рекет 1 и 2, набавка на хелкоптери, тепање на вработен во општина од градоначалник, криминалци на слобода…
Кога станува збор за аболицијата како принцип, и особено што на чело на Владата имаме некој кој веќе поминал низ тој процес и е аболиран, ќе кажам дека сум човек кој не верува и не поддржува аболиција како принцип, особено што целата оваа дебата ми личи за подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта кои се плашат од одговорност за аферите сега, како и еден вид закаснета испорака од власта за услуги кај дел од луѓето, добиени за чекорите превземени во изминатите месеци.
Иако сега власта ќе крева прашина, ќе создава вештачки непостоечки теми и хипотези, и ќе истакнува колку тие се против, сепак останува фактот дека ова е тема која единствено им одговара на Заев и СДСМ.
Јас компромис со правдата не правам, ниту сега и во иднина, а до крај ќе бидам за доследна примена на законите и Уставот, воспоставување на независно судство и обвинителство, како и одговорност за секој докажан криминал.“