Со недобивањето датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија и Албанија кон Европската унија, Западниот Балкан влегува во нова неизвесност, порача поранешниот претседател Ѓорге Иванов во своето обраќање денеска во италијанскиот Сенат на сесијата посветена на иднината на Европа, со која претседаваше поранешниот министер за надворешни работи на Италија и поранешен еврокомесар, Франко Фратини.
Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, во своето обраќање се осврнал на актуелните настани во Европа и нејзиното опкружување, како и на последните случувања во регинот во контекст на неговата европска перспектива.
– Процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан долго време се сметаше за најдобра, но и најуспешна европска политика – рече Иванов, додавајќи дека наместо ветената политичка стабилност и економскиот просперитет, повеќе земји од Балканот, поради спротивставените интереси на големите сили, може повторно да генерираат трајна нестабилност.
Иванов, се вели во соопштението, нагласил дека актуелните настани во Европа и нејзиното опкружување укажуваат дека мноштво конфликти тлеат под површина и дека иднината на Европа станува се повеќе непредвидлива.
Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, учествува на 19-тиот Состанок на високо ниво на Меѓународниот центар Низами Ганџави кој се одржува во Рим, на тема: Слобода од насилство: Мир, безбедност и превенција на конфликти во развојната агенда 2030.
Иванов, информираат од неговиот кабинет, присуствувал и на аудиенција кај неговата светост Папата Франциск, како и на прием кај претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела.