Ќе му пресуди ли вибер комуникацијата на Груби за дивеењето на Шверцерите?

Кон записникот, според информации на Плусинфо, има и четири прилози и тоа за утврдената штета во театарот, молба за информација до фирмата одговорна за техничката поддршка за тоа кој го организира вториот настан, и две вибер комуникации помеѓу директорката на МНТ Симона Угриновска и пратеникот на ДУИ Артан Груби.

5154

Кој ќе ја утврди одговорноста за вандализмот на навивачката група Шверцери во МНТ при прославата на јубилејот, премиерот Зоран Заев, владата или нова комисија засега е нејасно, бидејќи како што дознава Плусинфо, во записникот на работната група никаде не се посочува кој е одговорен, туку само хронолошки се наведуваат случувањата од денот на прославата.

Кон записникот, според информации на Плусинфо, има и четири прилози и тоа за утврдената штета во театарот, молба за информација до фирмата одговорна за техничката поддршка за тоа кој го организира вториот настан, и две вибер комуникации помеѓу директорката на МНТ Симона Угриновска и пратеникот на ДУИ Артан Груби.

Премиерот Заев вчера од собраниска говорница кажа дека проценетата штета од прославата на Шверцерите во МНТ е 3.965 евра и рече дека е направен записник од работната група за утврдување на одговорноста, но дека не успеал да го види. Заев додаде дека кога ќе се утврди одговорноста, ќе се плати и штетата.

– Националниот театар е отворен за сите и сите треба да го користат, но се знае под какви услови. Од тоа треба да произлезе и одговорноста што ќе биде објавено кога ќе се утврди – рече Заев.

Тој повтори дека во МНТ имало два настана и дека владата е организатор само на првиот настан, односно за Денот на албанската азбука, а за тоа има и договор помеѓу владата и МНТ.

Од владата и денеска повторуваат дека Министерството за политички систем е организатор на првиот настан и тоа од 19 до 21 часот. Тоа било уредно пријавено и во полиција, противпожарна и во итна помош. За прославата на јубилејот на Шверцерите, велат владата не е одговорна бидејќи и не го организирала.

Од веќе објавените информации од директорката на МНТ Угриновска, како организатор на јубилејот на Шверцерите е посочен пратеникот Груби.

Таа за дел медиуми веќе изјави дека не била информирана за прославата на Шверцерите.

– Се работеше за два настана во организација на Владата и никој не очекуваше вакво нешто. Првиот дел помина во најдобар ред, свечена академија и одбележување на Денот на албанската азбука, а потоа започна вториот, за кој пратеникот Артан Груби беше координатор и ме извести дека се работи за проекција на документарен филм – изјави тогаш Угриновска.

Според информации на Плусинфо, за ова нема пишан документ. Во записникот на работната група е наведена хронологијата на случувањата на двете прослави. И додека за првиот настан има документ дека организатор е владата, за вториот нема договор со организатор. Оттука е нејасно дали врз основа на вибер комуникацијата на директорката и пратеникот, Заев, владата или нова комисија ќе пресечат дека Груби е организатор и тој ќе треба да ја плати штетата од речиси 4.000 евра на МНТ или ќе нема организатор и со тоа ќе нема кој да плати.

Груби веќе се огради дека тој е организатор, а за вандализмот на Шверцерите рече дека е прослава на навивачи каде што се очекува скандирање и пеење. Во одбрана на Шверцерите застанаа и лидерот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот Бујар Османи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...