Со автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување Собранието може еднаш и засекогаш да го затвори прашањето за спорната амнестија на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Ако пратениците донесат автентично толкување тогаш ниту Уставниот суд нема да може да го воскресни амнестиите, па затоа министерката за правда, Рената Дескоска, денеска излезе со апел до нив час поскоро да започнат ваква постапка.
– Собранието со своето автентично толкуваање може да го потврди тоа што го тврдеше и го тврди стручната јавност, а тоа е дека членот 11 на кој Иванов ги засновуваше своите масовни помилувања кои добија карактер на амнестија не постоеше односно дека одлуката на Уставниот суд од март 2016 за укинуваање на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување не го оживеа стариот член 11. Во рацете на Собранието е еднаш засекогаш да го затвори ова прашање и да оневозможи оживување на амнестијата од Иванов – рече Дескоска.
Таа најави дека Министерството за правда ќе поднесе иницијатива до Владата да побара автентично толкување од Собранието.
– Но, тоа секако уште денеска можат да го направат и пратениците кои покрај барање за автентично толкување може да бараат и итна седница на Собранието за ова прашање. Со денешно поднесување на барање од страна на пратениците многу повеќе ќе се забрзаат постапките. На прашањето околу ова автентично толкување ќе се види кој е за правда и казни за оние кои се огрешиле од законот, а кој е за амнестија и помилување. На ова прашање ќе се види кој го разбира концептот на нулта корупција како концепт на казнивост на корупцијата – вели министерската.
Таа смета дека законодавниот дом може да го донесе автентичното толкување уште наредната недела ако пратениците денеска поднесат барање, а Владата во вторник даде свое мислење.
Со амнестијата на Иванов беа опфатени речиси сите обвинети и осомничени лица од СЈО, а меѓу нив има и функционери од ДУИ, кои тогаш беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а денеска се со СДСМ. Меѓутоа, Дескоска очекува дека од коалиционите партнери и на дело ќе го види она за што и вербално се декларираат – за правда и одговорност.
Не можам ни да замислам, рече таа, да постапат поинаку.
Постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, со која се вратија шансите за оживување на амнестијата, Уставниот суд ја поведе на седницата во средата.
ФОТО: EPA/NAKE BATEV