Темната страна во новата историја на Македонија има назив, име и презиме а тоа се ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, реагираат од владејачката СДСМ.
„Очигледно дека Христијан Мицкоски нема капацитет да ја промени ВМРО-ДПМНЕ во вистинска демократска партија и затоа продолжува да оди по стапките на неговиот претходник Никола Груевски. Затоа денеска ВМРО-ДПМНЕ со Мицковски не може политички да се идентификува со напредните, демократски сили во општеството. Прашање е дали и самиот Мицковски верува во она што го говори, обидувајќи се да ги обрани погрешните политики на Груевски. Јавноста многу добро знае за функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ како власт, граѓаните добро знаат за земените провизии, за пропустите во патиштата и инфраструктурата, за нарачаните судски процеси и пресуди“, стои во реакцијата на СДСМ.
Од партијата велат дека граѓаните секојдневно ги гледаат и чувствуваат придобивките од одговорното работење на Владата која посветено, одговорно и транспарентно ги спроведува зацртаните мерки што обезбедуваат економски раст, квалитетен живот, повисок животен стандард и ја градат Македонија како модерна држава, земја на едно општество и пријател на соседите.
Никола Груевски, претходно се огласи на Фејсбук пишувајќи дека автопатот Демир Капија – Смоквица намерно бил држен готов, а затворен една година за да се создаде перцепција дека СДСМ го изградила иако таа не направила ниту метар од него.
Мицкоски во интервју за Курир, го сподели истиот став како и неговиот претходник за автопатот Демир Капија – Смоквица, за што вели дека цела година дена се префрлал далновод и градел диспечерски центар, непотребно и поради политички причини се одложувал неговото пуштање во употреба.