Постапката за јавна набавка на хибридина операциона сала, за која се обезбедни близу 1,8 милиони евра и која се планира да биде сместена на Клиниката за неврохирургија, се одвива со сериозни потешкотии, притисоци и отпори, дури и со најави на оставки на дел од членовите на комисијата што врши евалуација на понудите, дознава Плусинфо Во моментов, набавката е во фаза на евалуација, при што се дадени само две понуди, од два светски производитела на ваква софисицтоцирана опрема – германската компанија Siemens Healthineers и американската компанија GE Healthcare.
Дознаваме дека нервозата при евалуацијата се појавила поради формален пропуст на понудувачот Сименс, чиј застапник при отворањето на документацијата понудата не ја доставил на документ образец за понуда, туку како слободен документ, што не било прифатливо според Законот за јавни набавки. Врз членови на комисијата бил вршен притисок да се игнорира оваа формална пречка и процедурата да продолжи. Но, некои тоа го одбиле и се заканувале со оставки.
Дали се фаворизира Неврохирургија?
Неофицијално, суштинската пречка, сепак, е во сомневањето дека комплетната техничка спецификација за опремата што се набавува му погодува исклучиво на германскиот производител. Имено, постои битна технолошка разлика меѓу опремата што ја нудат двете компании. Двата производитела овие апарати ги испорачуваат со стандардна васкуларна операциона маса или со посебна класична операциона маса од германскиот производител Мaquet. Со употреба на првата, васкуларна маса, оперативни процедури можат да вршат не само васкуларните хирурзи, кои најчесто и ја користат ваквата опрема (во 50 отсто од случаите), туку можат да се вршат и комбинирани кардиолошки и кардиохируршки операции, а ќе можат да оперираат и абдоминални хирурзи, како и неврохирурзите, кои, пак, ваквиот вид опрема ја користат во 10 отсто од случаите. Со упоребата на вториот тип опрема, каква што е специфицирана во набавката, можат да се вршат само мал број ограничени процедури во неврохирургијата.
Понудената цена на двата понудувачи изнесува 109 милиони денари без ДДВ или околу 1,77 милиони евра. Реалната цена на овој вид на апарати, со бараната маса од наведениот производител (таа за неворхируршки операции) изнесува најмногу 900.000 евра, велат нашите извори. Пред да почне тендерската процедура, многу од производителите реагирале на стриктната и елиминаторна спецификација, но органот што ја води постапката не прифатил суштински промени. Во една од забелешките, на пример, е кажано дека салата не може да се опреми само со ангиограф, бидејќи за неа се потребни многу други апарати, меѓу кои и апарат за анестезија, кои не се составен дел на јавната набавка, а без кои не е можно да се опреми функционална сала, иако за тоа има доволен буџет. На крајот е прифатено да се вгради само апаратот за анестезија, кој чини околу 35.000 евра („злите јазици“ велат дека и за него е напишана спецификација која совршено одговара за една конкретна компанија, повторно без можност други производители да дадат понуда).
Кој ќе ќари 700.000 евра?
Освен тоа, во набавката се бара да се изведат и градежни работи (реконструкција), без воопшто да се наведе што опфаќаат тие градежни работи. Повеќе производители реагирале и на ова и барале детален опис на градежните работи, но ништо од сето тоа не е сторено. Инаку, просторот каде што се планира инсталацијата е во старата зграда на Хируршките клиники, но не е кажано дали може да се урнат ѕидови за да се отвори простор за салата, а тоа е нешто што може дополнително да ја загрози целата изведба. Вала или онака, се проценува дека градежните работи може најмногу да чинат до 150.000 евра.
Како и да е, нашите извори проценуваат дека салата каква што се бара во тендерот не би требало да чини повеќе од 1,1 милиони евра, а тоа значи дека добитникот на набавката ќе ќари околу 700.000 евра. Тоа е огромен и невообичаен профит. Се поставува дури и прашањето колку ваква опрема му е неопходна на македонското јавно здравство, со оглед на фактот што вакви сали (со примарно користење од неврохирурзите) има само неколку во целиот свет и прашање е колку таа ќе биде рационално користена. Можеби и затоа, кога почнало да се работи на овој проект (во 2015 година), се размислувало ваквата опрема да биде лоцирана на Клиниката за кардиологија, за да можат да се изведуваат комбинирани хируршки интервенции. Проектот потоа е стопиран, за време на политичките промени, а потоа е обновен – но, сега со конфигурација која ќе ги израдува главно неврохирурзите и која фаворизира една компанија.
Нерационационално менаџирање со скапа опрема
Инаку, можеби токму со оваа набавка треба да се отвори прашањето колку рационално се набавува медицинска опрема во Македонија и за што таа реално се користи. Така, на пример, според наши извори, во земјава денес во јавното здравство се инсталирани вкупно 20 апарати за компјутерска томографија и уште 13 во приватните болници. Сите овие апарати се од понова генерација (стари до 10 години) и се сметаат за апдејтирани. Тоа значи дека во Македонија, на реалната цифра од 1,8 милиони жители, имаме 33 КТ-апарати од нова генерација. или еден КТ на помалку од 55.000 жители, што е извонреден резултат, бидејќи западните норми се еден КТ-апарат на 100.000 жители.
Компјутерски томограф од нова генерација, кој има 128-слајсен детектор, чини околу 350.000 евра и на него дневно, без проблем, може да се „снимат“ повеќе од 40 пациенти во било која форма на дијагностика. Ако дневните потреби во Македонија се околу 800 снимки (така вели статистиката), тоа значи дека ни се потребни најмногу 20 вакви апарати, распределени правилно. Со други зборови, Македонија има 13 апарати повеќе од реалната потреба, а во државното здравство во моментот има листи на чекање за снимање дури и по 30 дена, што е апсолутно нелогично. И покрај ова очигледно лошо менаџирање на овие апарати кои веќе ги имаме и повеќе од потребното, планирани се нови набавки за болниците во Гевгелија, Кавадарци, Тетово и во Штип.
И клучното прашање – ај што купуваме опрема повеќе од потребното, дали тоа значи дека имаме подобра медицинска нега? За жал, не, тврдат нашите извори. Кога би се направила анализа за тоа колку од снимените пациенти имаат позитивен наод (што ќе рече, откриен е здравствен проблем), а колку се со негативен наод, би се дошло до сознанието дека доминираат негативните наоди. Ова се неофицијални сознанија, официјална статистика нема. Се разбира, секој од нас сака да види негативен наод и да се израдува, но прашањето е дали баш мора да се снима на ваков апарат и да се изложи на непотребно зрачење. Од аспект на здравствените власти, тие што треба да менаџираат со опремата, важно е и тоа дека апаратите непотребно се амортизираат и се сервисираат, со шти се зголемуваат трошоците на болниците. Патем речено, Македонија до 2007 година имала само 4 или 5 вакви апарати.
Не сме толку богати, или сепак сме?
Да се надеваме дека, сепак, тендерската постапка за новата хибридна операциона сала ќе заврши успешно и дека на крајот таа ќе се искористи за вршење операции во повеќе специјалности, а не само во неврохирургијата. Добро е што се размислува за осовременување на медицинската опрема во нашите јавни здравствени установи, велат нашите извори, но додаваат – уште подобро ќе биде тоа да се прави рационално, бидејќи сепак не сме толку богата земја за да се расфрламе со пари, без оглед што нашето јавно здравство можеби веќе има воспоставено поцврсти релации со некои светски прозиводители на ваква опрема, чие реноме секако е неспорно.
Да не биде и новата опрема да се користи како и КТ-апаратите или да ни се повтори нерационалноста во користењето на ПЕТ-центарот, што е приказна за себе. Но, за тоа во следната прилика…