Дали ЕУ е свесна дека дел од најконтроверзните барања на Франција во врска со новата методологија на преговори се веќе прифатени и во процес на имплементација од страна на Македонија (директно) и Албанија (индиректно)?, пишува Арсим Зеколи во колумна за Дојче Веле.

Среде сите неповолни вести од Брисел, утешно прозвучи најавата на новата претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, дека новите правила за процесот на преговори за членство во ЕУ не треба да се однесуваат на Македонија и Албанија. Тоа е добрата вест. Она што е помалку добро во таа најава е дилемата дали и самата ЕУ е сосема свесна дека дел од најконтроверзните барања на Франција во врска со новата методологија на преговори се веќе прифатени и во процес на имплементација од страна на Македонија (директно) и Албанија (индиректно). Зборот ми е за новиот момент на реверизбилност во преговорите, на кој инсистира Макрон, а во нашиот случај се должи на асиметричноста диктирана во процесот на преговарање и склучување на Преспанскиот договор.

Во основата на таа асиметричност се крие дистинкцијата помеѓу пристапот диктиран според правилата на меѓународните односи од страна на Грција и пристапот заснован врз меѓународната политика од страна на Македонија. Во пристапот на Грција се отсликува почитта кон домашните државни, административни и демократски институции како легитимни и легални национални инструменти кои го легитимираат и легализираат грчкиот пристап во рамките на меѓународните односи базирани врз меѓународно право. Составен дел на тој легален и легитимен пристап е и определбата на грчката опозиција која немала потреба – иако имала можност – да ги пренесува на меѓународна сцена сопствените забелешки или спротивставувања, туку се има придржувано кон принципите на автономна одлука во рамите на државната политика.

Грчкиот, францускиот и бугарскиот пристап

Пристапот на Македонија, базиран врз меѓународната политика, е прецизен одраз на внатрешната политичка динамика диктиран од ампутацијата на опозицијата и Собранието во процесот на преговори и склучување на договорот. Но она што се изумува во тековниот аргументариум на опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) е фактот што токму тие го имаат поставено темелот на пристапот базиран врз меѓународна политика преку инсистирањето на владата на Никола Груевски за организирање референдум. Вреди да се напомене дека овој кусоглед пристап беше импониран од страна на Груевски, ставајќи ги сопствените наследници во непријатната ситуација да ги жнеат како последиците од кусогледоста на нивнот екс-лидер, така и екскомуникацијата од процесот на преговори од страна на владата на Заев. Зачудува, затоа, неспремноста на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ критички и аналитички да ја согледа севкупната улога и пристап на Груевски во пристапот кон спорот и Референдумот. Посебно од аспект на тоа што целосното исклучување на опозицијата од процесот на преговори следеше по смената на Груевски од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ.

Разјаснувањето на финесите во дистинкцијата помеѓу грчкиот пристап на меѓународни односи (втемелени врз институционализам и национален интерес) и македонскиот пристап на меѓународна политика (диктирана од непостојаност и парцијални внатрешнополитички интереси) е предуслов за разбирање на клучниот, превиден момент поврзан како со Преспанскиот Договор, така и со нашиот процес на преговори со ЕУ. Имено, самиот Преспански конструкт на условно-последично третирање на елементите на разрешување на спорот in continuum во себе го содржи дискретно вметнатиот ембрион на реверзибилност во процесот на целосно разрешување на спорните точки со Грција во тек на преговорите со ЕУ. Ембрион на реверзибилност кој, како што ќе посведочиме подоцна, ќе стане клучен инструмент во рамките на француската стратегија за понатамошното проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.

Таа мала, да ја наречеме, сличност во меѓународно правниот пристап на Грција и во новата визија на Макрон за иднината на регионот неминовно ја наметнува дилемата дали станува збор само за чиста и заемно независна коинциденција во прифаќањето на реверзибилноста како полит-правна интерпретација на кондиционалното „или” во односот помеѓу морковот и стапот. Легитимно е прашањето кој прв се сетил на вклучувањето на таквиот нов, кондиционален моментум во грчкиот и францускиот пристап? За разлика од бугарскиот, кој (иако пост-фестум ламентиран од министерката Захариева) не е таксативно вклучен во Софискиот договор.

Дали Атина во нејзиниот пристап била сосема независна, или пак дискретно потсетена од Париз да обезбеди билатерален преседан за подоцнежен мултилатерална експлоатација? Или пак Париз бил љубопитно изненаден и воодушевен од инвентивноста на дипломатите од Атина?

Доколку Париз бил сам во таа, да ја наречеме темпирана интервенција, се поставува прашање дали Вашингтон, Брисел и Берлин влетале во играта како боси во трње, несвесни за последиците кои можат да уследат ширум регионот?

Доколку не, таквиот превид е ништо повеќе од уште еден доказ за последиците на површноста на наведените центри за разбирање на духот на византиството во регионалните односи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.