На потегот околу основното училиште „Војдан Чернодрински“, во урбаната заедница „Владо Тасевски“ се поставува нова вертикална сигнализација, сообраќајни знаци, соопштија од Општина Карпош со цел реонот познат како „Млечен“ да има поголема безбедноста на учениците и сите други учесниците во сообраќајот.
„Со воведување на ЗОНА 30, се ограничува брзината на движење со моторни возила. Наскоро, пред ООУ „Војдан Чернодрински“ ќе биде поставен т.н лежечки полицаец. Локалната самоуправа работи и на комплетирање на новото сообраќајно решение на овој потег, со тоа што одреден дел од улиците ќе бидат еднонасочни. Примарна цел е зголемување на безбедноста и намалување на сообраќајниот метеж“, наведуваат општинските власти.
Оттаму потсетуваат и дека нови сообраќајни режими веќе функционираат во Карпош 4 и долж улицата Прашка, во Тафталиџе 1, како и дека изминатиот период беа поставени и нови лежечки полицајци пред училиштата: „Јан Амос Коменски“, „Братство“ и „Димо Хаџи Димов“, а најмладите ги мапираа и критичните точки на патот од нивното училиште до домот.