Култура: Во понеделник продолжуваат преговорите со синдикатот

102

Министерството за култура негира дека е прекината работата на работната група за потпишување на колективниот договор, како што обвини денеска Синдикатот на културата.

„Не е точно дека е прекината работата на работната група за потпишување на колективниот договор, туку во изминатите денови подгрупите работат на детална анализа и финансиската пресметка на средствата кои се потребни за потпишување и примена на колективниот договор.

Министерството за култура како и досега, така и во иднина ќе ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК ќе работи на унапредување на условите во културата“, се наведува во реакцијата од Министерството за култура.

Оттаму најавуваат дека преговорите за колективниот договор продолжуваат во понеделник во 13 часот за кога ќе биде закажан состанок со работната група.

Премиерот Зоран Заев од собраниска говорница, пак, рече дека власта е подготвена да го направи чекорот и да го финализира колективниот договор со Синдикатот на култура во Република Македонија до крајот на годината.

– Подготвени сме да се постигне, за тоа сме проектирале и буџетски средства. Навистина се изгуби одредено време, чекавме промена на министрите, сега сме до самиот крај, верувам дека може да се постигне колективен договор, но мора да се направи фер распределба, нормативи, класификација, нивелирање и воедначување на соодветни работни места – рече Заев одговарајќи на прашање на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Магдалена Манаскова.

СКРМ претходно денеска најави штрајк од 16. следниот месец доколку, како што соопшти во најкус можен рок не се финализираат преговорите за колективниот договор и тој не биде потпишан со обврска за негово целосно спроведување од 1 јануари следната година.

– Имаме време до крајот на годината, доколку дотогаш се усогласат сите работи, се нивелираат самите плати и се воедначат областите и профилите, согласно тежината на работата. Тогаш ќе имаме правично нормирање и самите финансиски средства да бидат исплатени во февруари, со јануарската плата – рече денеска Заев.

Пратеничката Манаскова побара од премиерот да каже дали ќе го потпише колективниот  договор, конкретно одговарајќи со „да“ или „не“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...