Сите обвинители и истражители од СЈО кои биле дел од злосторничкото здружение и кои цицале народни пари да си дадат оставки за да не ја попречуваат истрагата за парите кои ги цицале од СЈО, а тоа се пари на граѓаните, побара денеска Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Одговорност за украдените милиони евра мора да има. Доколку не си поднесат оставки, јавниот обвинител кој ја спроведува истрагата треба да побара тие да бидат суспендирани сѐ до завршување на истрагата. Јавните обвинители и истражителите кои биле дел од злосторничкото здружение и Катица Јанева заедно со нив, многу добро ги знаеле законите и затоа се сомневаме дека свесно влегле во незаконското делење на народните пари и молчеле за огромните додатоци – вели Арсовски.
Тој објаснува дека законите се јасни и според нив Катица Јанева можела да добива плата во висина од 90% од платата на Републичкиот јавен обвинител, а нејзините соработници и таа, не смееле да имаат додатоци повисоки од 35% од платата.
– Обвинителството има обврска да ги замрзне нивните работни места за да не влијаат во текот на истрагата, и тоа мора да го стори уште веднаш – вели Арсовски.