Има мнозинство од 61 глас во парламентот за донесување на измените во Изборниот законик со кои 18 пратеници, главно од помалите партии од мнозинството, предлагаат една наместо шест изборни единици за претстојните парламентарни избори. Но, според првичните проценки, прашање е дали ќе се обезбеди мнозинство во собраниската Законодавно-правна комисија за предложените измени во Изборниот законик да бидат ставени на гласање на пленарна седница, така што нивното евентуално донесување би значело дефинитивно „збогување“ со моделот според кој се спроведуваа сите парламентарни избори од 2002 до 2016 година.
Законодавно-првната комисија, како што објаснуваат пратеници од мнозинството, се соочува со слична ситуација како и Комисијата за избори и именувања, каде што мнозинството е од опозицијата. Разликата е во тоа што на чело на Законодавно-правната комисија, низ која поминуваат сите закони што ги носи Собранието, е Соња Мираковска од владејачката НСДП. На чело на Комисијата за избори и именувања, пак, е Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, така што таму се заглавени повеќе кадровски решенија, вклучително со изборот на нов директор на Државниот завод за ревизија, за кои, од друга страна би имало мнозинство на пленарна седница во законодавниот дом.
Според проценките, ВМРО-ДПМНЕ може да обезбеди мнозинство и во Законодавно-правната комисија, особено ако се има предвид дека и ДУИ е против промена на изборниот модел пред претстојните избори, а не се согласува ниту со предлогот за една изборна единица. Тоа може да значи блокада за предлог-измените на Изборниот законик, со кои исто така се предлага и воведување отворени листи за избор на советници на локални избори.
Според најавите, претседателот на парламентот Талат Џафери ќе ги стави измените во Изборниот законик на дневен ред на новата седница што ќе ја закаже за 11 декември. Но Џафери изјави вчера дека без консензус меѓу партиите, како и пред избори не треба да се прават промени на изборниот модел.
Од пратеничката група на СДСМ најавуваат дека најверојатно ќе гласаат „за“ една изборна единица, доколку предложените измени во Изборниот законик ја поминат „бариерата“ во Законодавно-правната комисија.
Една изборна единица е шанса за помалите партии кои сега се во коалиција со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ за самостоен настап на парламентарните избори. Пратеничката и претседателка на ДОМ Маја Морачанин вели дека нејзината партија ќе ја разгледа можноста за независен изборен настап доколку биде прифатен предлогот за измени на Изборниот законик.
– ДОМ почна да се подготвува за избори во април. Сепак, се уште е рано за одлука како ќе настапиме на изборите. Доколку бидат донесени измените во Изборниот законик, ќе ја разгледаме и можноста за самостоен настап – вели Морачанин.
По изјавата на спикерот Џафери, парламентарната Иницијативата за една изборна единица, на денешната прес-конференција, даде дополнителни објаснувања во врска со измени на Изборниот законик. Предлагачите сметаат дека нема процедурални пречки за измени на Изборниот законик, ниту за неговото спроведување во пракса.
– Осумнаесетте потпишани пратеници очекуваат дека двата закона ќе се најдат на дневен ред на следната собраниска седница, во согласност со Деловникот – истакна пратеничката Лилјана Поповска.
Предлозите, како што наведе, се поднесени пред 20 дена, на 8 ноември, а самата иницијатива за измени на изборниот модел е формално започната пред 2,5 месеци, на 11 септември, кога не се зборуваше за предвремени избори.
Според предлагачите, преминувањето од шест во една изборна единица е технички едноставен и изводлив процес, кој бара само нов формулар за гласачките ливчиња и нов софтвер за пребројување на гласовите. Гласачките места и одбори остануваат исти, различно е само собирањето на гласовите, кои одат сите на едно конто.