Советот на Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ) најавува штрајк од 16-ти декември доколку во најкус можен рок не се финализираат преговорите за колективниот договор и тој не биде потпишан со обврска за негово целосно спроведување од 01.01.2020 година.
Причината за активирање на штрајкот е поради ненадејното прекинување на работата на работната група за изготвување на Предлог колективен договор.
„Последниве 10 дена работната група за колективен договор во Министерството за култура не е активна, односно работата е неосновано прекината од Министерството. Како синдикат кој директно е вклучен во преговорите, изминатите денови се обидувавме да ги дознаеме причините за ваквиот застој во работата, особено во време кога требаше да се финализира предлог колективниот договор и да се пушти на јавна расправа. Испративме неколку дописи со барање за продолжување на работата до повеќе официјални лица, но сè уште немаме никаков одговор од кабинетот на министерот Хусни Исмаили или неговиот заменик Владимир Лазовски“, велат од синдикатот на културата.
Тие потсетуваат дека вработените во културата не бараат покачување, туку уредување на платите и правична валоризција на трудот по основ на Колективен договор кој Министерството, а со тоа и државата, им го должи цели 15 години.