Граѓаните на Македонија преку трите мобилни оператори на линијата 143 400 собрале 2 милиона и 460.000 денари, односно 40.120 евра, за донација за Албанија за справување со последиците од силниот земјотрес.
Отворена е и специјална сметка за солидарност на Црвениот крст.
Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити рече дека во Драч веќе престанува потрагата по преживеани, бидејќи нема ниедно лице што не се знае каде е и додаде дека сега активностите треба да се концентрираат на расчистување на последиците од земјотресот. Тој ги повика граѓаните да донираат во пари, но не го исклучи и донирањето на конзервирана храна, бебешка храна, лекови, вреќи за спиење и ќебиња.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа рече дека веднаш по земјотресот се состанале со стопанствениците и отвориле три пункта во Скопје, Тетово и во Струга на кои веќе се собрани донаци од над 100.000 евра.
– Скопје е град на солидарноста, затоа и ние денеска да бидеме солидарни. Секоја помош е добредојдена и е од голема важност да се здружиме сите за една цел, а тоа е да им помогнеме на нашите соседи кои се во неволја – рече заменик градоначалникот на Град Скопје, Енвер Малиќи, на денешната иницијатива покрената од Паркленд групацијата „Pray for Alabnia – donate“.
Тој најави и лична донација како бизнисмен.
Град Скопје испрати две екипи во градот Драч, кој е најпогоден од катастрофалниот земјотрес, како и материјална помош.