„Не сум насилник“, тврди пратеникот на СДСМ Костадин Ацевски по веста што ја пренесоа дел од медиумите дека тој синоќа ја нападнал својата сопруга, по што таа пријавила семејно насилство во полиција.
Сопругата на Ацевски, Марија, во изјава за Плусинфо, потврдува дека не била нападната ниту физички, ниту вербално. Вели дека нејзиниот сопруг никогаш не кренал рака на неа и дека е внимателен. Во случајот, вели, дошло до недоразбирање меѓу нив и е затечена што случајот излезе во јавноста.
– Ниту физички сум ја нападнал сопругата, ниту сум го повишил гласот кон неа. Веќе извесно време живееме одвено и таа вчера дојде дома и рече дека сака да остане тука поради децата. Реков дека тогаш јас ќе си одам, а синовите сакаа да дојдат со мене. Тука настана недоразбирањето, по што таа се јави во полиција – вели Ацевски.
Тој влезе во парламентот на едно од испразнетите пратенички места, по локалните избори во 2017 година, а како кандидат од листата на СДСМ во втората изборна единица. Едно време, Ацевски беше претседател на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров.
Вели дека со сопругата имаат два сина на возраст од четири и од шест години. Во изминатиот период имале меѓусебни несогласувања, меѓу другото, и околу одгледувањето на децата, на пример во поглед на вакцинацијата, ама, како што нагласува тој, тоа никогаш не прераснало во семејно насилство од кој било вид.
– Да имаше насилство, веднаш ќе поднесев оставка. Децата, сепак, ми се поважни од функцијата. Меѓутоа не го повишив ниту гласот – вели Ацевски.
Од МВР соопштија дека на 27 ноември во 21.30 часот во СВР Скопје се јавила М. А. (37) од Скопје и пријавила дека сопругот К.А. (40) од Скопје се расправал со неа и сакал да ги земе со него нивните деца. Полициски службеници излегле на местото на пријавата за расчистување на случајот.
На 25 ноември, по повод меѓународниот Ден за борба против семејно насилство, Владата се вклучи во кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека зад портокаловата боја, како боја на кампањата, се крие фактот дека секоја трета жена во земјава е жртва на семејно насилство.