Заев го „заразил“ регионот со пријателство

663

Пријателството со Бугарија и Грција е „заразно“ и се рашири низ целиот регион. Сега сме пријатели со Албанија, со Србија, со Косово, Црна Гора Босна и Херцеговина, и се поттикнуваат пријателски односи меѓу сите земји одделно, споделуваме искуства, се поддржуваме едни со други, и ѝ покажуваме на ЕУ дека можеме да соработуваме и да градиме еден друг Балкан на нашиот пат до ЕУ и НАТО, истакнува премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ Шења.

Кога станува збор за нашето членство во НАТО и за придобивките од полноправното учество во најмоќната безбедносна алијанса во светот, освен сигурност и стабилност, нагласува Заев, тоа значи и големи економски придобивки.

За кусо време, очекува компаниите од нашата земја да се стекнат со право да учествуваат во логистиката на работата и операциите на НАТО.

– Тоа значи пристап до десеттици милијарди евра и затоа ги подготвуваме сите услови нашите компании да бидат подготвени. Во таа насока на последната седница го усвоивме и во постапка на усвојување во Собранието го пуштивме Предлог-законот за стратешки инвестиции. Тоа законско решение ќе овозможи во земјата да дојдат големи инвестиции од најмалку 100 милиони евра на национално ниво. Најавувам пет такви големи инвестиции. Се работи за инвестиции од посебен, јавен интерес, и затоа одлучивме дека тие треба да бидат одобрени и поддржани во Собранието – вели Заев.

Во однос на евроинтеграцијата и францускиот „нон-пејпер“, тој посочува дека во него апсолутно е предвидено оти крајна цел на новата методологија е членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

– Нон-пејперот беше испратен до нас истовремено кога беше споделен со другите земји членки на ЕУ. Сега тој документ треба формално да го допрецизира Европската Комисија и тој да биде официјален и прифатен во Европскиот Совет. Побарано е од нас да го дадеме нашето мислење и ние ќе го направиме тоа. На нас останува да продолжиме со реформите и со оставрување на ЕУ стандардите дома. Да не заборавиме, најголемиот раст земјите кандидати за членство во ЕУ, го постигнуваа за време на преговорите, кога фокусот беше на домашните реформи и на трансформација на општествата на земјите според европските стандарди – рече Заев во интервјуто за „Шења“

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...