„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ја освои наградата „Лукс“ на Европскиот парламент

Филмската награда „Лукс“ е посветена на промоција на европската кинематографија, а првпат е доделена во 2007 година.

187

Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ја освои престижната награда за филм „Лукс 2019“. Екипата денеска го прими признанието на свечената церемонија која се одржа во Европскиот парламент.

Наградата ја врачи претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, а ја примија режисерката Теона Стругар-Митевска, главната актерка во филмот Зорица Нушева и продуцентката и актерка Лабина Митевска.

Филмската награда „Лукс“ е посветена на промоција на европската кинематографија, а првпат е доделена во 2007 година.

Покрај „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, во финалната трка за наградата беа и документарецот „Студен случај, Хамарсџалд“ од Мадс Бругер (копродукција на Данска/Норвешка/Шведска/Белгија/Велика Британија/Германија) и „Кралството“ на Родриго Сорогојен (копродукција на Шпанија/Франција).

Овие три филмови ќе бидат титлувани на сите 24 официјални јазици на ЕУ и наесен ќе бидат прикажани во повеќе од 50 градови и многу филмски фестивали низ цела Европа, за време на „Лукс“ филмските денови.

Инаку, во поширока конкуренција за оваа награда беше и македонскиот документарен филм – „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...