Најдоцна до 20 декември оваа година ќе биде инсталиран инструмент за мрење на концентрација на ПМ 10 честичките во Велес, кој ќе биде поставен во мерната станица во градинката кај Тунел, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
На барање на Советот на Општината, локалната власт уште пред два месеци побарала од MЖСПП, таа да набави и постави мерни станици за квалитетот на воздухот, но тоа било одбиено од Министерството со образложение дека она што го бара Градот не е во согласност со светските стандарди за мерење на квалитет на воздух.
– За разлика од мерењата кои се вршат со Државиот мониторинг систем за квалитет на воздухот (ДАМСКАВ), се почесто во државава се шпекулира со податоци добиени од мерења со уреди кои популарно се наречени сензори (Low Cost Sensors), кои не може да се земат предвид заради нивната голема мерна несигурност дури ниту за индикативни мерења (примерот со Ѓорче Петров и Прилеп). Мерењата со мобилните сензори покажуваат поприлично нереални резултати заради тоа што сензорите имаат висока вредност на граница на детекција и не може со сигурност да се земат предвид измерените податоци. Резолуцијата при мерењето е различна и резултатите може да покажат разлика и до 1000 пати. Друга причина за несигурноста на резултатите добиени од ваквите сензори е што истите имаат висока осетливост на промени на температурата и влажноста и кај нив се забележува взаемна реакција на слични типови на молекули. Тоа значи дека постои голема веројатност да не можат да се разграничат различните загадувачки супстанции,појаснуваат од МЖСПП,
На мерната станица на МЖСПП во Велес во градинката кај Тунел континуирано се мерат останатите параметри на воздухор како SO2, NO2, CO и O3 кои се презентираат на веб порталот за квалитет на воздух во Република Северна Македонија.