Мајката на Пино: Се посомневав во девојката уште кога кажа дека со Пино само стоеле пред зграда 15 минути

3028

Пино беше мирно дете, не правеше белји, сакаше да црта и сакаше многу коли. Платата која ја заработуваше ја вложуваше во коли. Многу ја сакаше Македонија, не сакаше да се врати со нас во Италија, сон му беше да остане тука и викаше дека ќе отвори кафиќ и до него ќе има механичарска работилница зошто многу сакаше да работи со автомобили. Тоа му беше сонот.

Вака мајката на убиениот Пино Секондо, Маја Трпковска, денеска  во судница раскажуваше за убиениот син.

Таа го раскажа животот на синот одговарајќи на прашањата на обвинителката Лидија Раичевиќ. Мајката кажа дека материјалот биле добро ситуирани, можеле да му овозможат се на Пино и на помалиот син, а токму материјалната состојба ја спомена и кога зборуваше за љубовниот живот на Пино нагласувајќи дека тој имал вистински девојки, но и девојки со кои се гледал, а кои излегувале со него од економски интереси и за да се покажат пред другите. Во еден момент таа ги нарече и „ороспии”, но судот ја предупреди да не користи вулгарни изрази.

– Обвинетата Алгела не му беше вистинска девојка туку девојка од вториот тип и во тоа сум сигурна затоа што имам слики каде тие биле на Видно со мојата кола. Имам, бидејќи го отворив комјутерот на Пино и ги прочитав пораките меѓу Ангела и Пино каде таа му вика „купи пиво ќе идеме на Водно” – раскажуваше мајката посочувајќи и други детали од интимниот однос на синот со обвинетата девојка.

Пино, заедно со сопругот на неговата мајка кој е Италијанец и инженер, работел кај Ранковце на автопатот. Ноќта пред тој да исчезне, двајцата се враќале од работа.

– Ноќта 10 или 11 декември враќајки се од работа застанале да вечераат во Куманово. Кога стигнал дома му рекол на сопругот дека ќе оди да се види со една девојка. Пино му ги дал клучеви зошто сопругот ги заборавил неговите клучеви и му рекол да не заклучува. Во тоа време јас со малиот син бевме на пат од Италија за Македонија и само што се качивме во траектот за Игуменица ми се јави сопругот и ми кажа дека е дома, а Пино излегол, а ние му кажавме дека се качуваме во бродот и ќе немаме интернет, па ќе се слушнеме сабајле кога ќе стигнеме во Грција. Утрото рано стигнавме и се упативме кон Македонија, дома стигнавме околу 10 часот. Јас возев. Во тоа време сопругот и Пино вообичаено се на работа, но сопругот тогаш беше дома, беше многу потресен и ми кажа дека Пино ноќеска не се вратил дома – зборуваше Маја со солзи во очите.

Нејзиниот сопруг кога видел дека го нема Пино почнал да му ѕвони и на службениот и на приватниот телефон.

– Телефоните ѕвонеле до 7 часот и 3 минути. Чудна беше работата што во исто време се гасат два телефона од различен квалитет што немаше логика. Прво што помисливме е да не направил сообраќајка, да не излетал од патот. Прва работа што ја направивме е се јавивме во Брза помош да прашуваме, после почнавме да се јавуваме по другарите да прашаме со кое девојче требало да се види Пино таа вечер – рече мајката.

Од другарите дознале дека девојката со која требало да се види е Ангела од Ѓорче, успеале да најдат нејзин број, но таа не кренала на повиците на Маја.

– Негде околу 17 часот попладне отидов во станица во Петровец да пријавам дека Пино не се вратил дома. Додека бев во станица Ангела ми се јави мене, јас во тој момент телефонот го пуштив на спикер и началникот да слуша што зборуваме. Ја прашав: „Ангела ти последна си го видела Пино, со тебе бил?” Таа ми рече „Да”, ама вика „стоевме кај зграда 10-15 минути и после Пино си замина”. Јас одма реков не е можно Пино да вози 40 минути од Петровец до Ѓорче за да стои 10-15 минути пред зграда. Тогаш првиот мој сомнеж беше на Ангела – раскажуваше мајката.

Наредниот ден на 11 декември полицијата не сакала, но на нејзино инсистирање ја примиле пријавата дека Пино не се вратил дома.

– Ми се јави првиот човек од секторот за исчезнати и дрско дерејќи ми се на телефон ми рече „со кое право ти пријавуваш дека син ти е исчезнат кога тој има 26 години и може да оди кога сака и каде сака”. Јас само му одговорив дека моето дете не е од тој тип на деца – рече мајката.

Додека таа зборуваше обвинетата Ангела постојано гледаше во неа, па и мајката и обвинителката забележаа и реагираа дека девојката дрско и крвнички гледа во неа.
Понатаму обвинителката ја прашуваше Маја и за моментите кога дознала дека Пино е мртов.

– На 29 април 2019 бев во Италија и преку порталите прочитав дека е најдено тело. Бидејќи бев во контакт со таткото на едно друго исчезнато дете одма се слушнавме на телефон и тој ми рече дека го повикале од судска медица да даде ДНК. Не поминаа ни 15 минути и мене ми се јавија да отидам. Имало повикано вкупно седум мајки за ДНК меѓу кои и јас само што јас не можев да дојдам зашто авионот беше во понеделник на 7 мај, а на 8 мај папата беше во Скопје и беше неработен ден, па мене примерок ми земаа на 9 мај. На 23 мај ми се јавија и ми рекоа да одам во станица, но не бев во состојба да возам, а тие рекоа „седи дома ќе дојдеме ние”. По половина час излегов во дворот кога видов коли и коли, и полиција. Си реков или дошле да ме уапсат оти многу пцујам или е за Пино. До капијата видов кола од италијанска амбасада и одма сфатив зошто се дојдени. Тогаш ми рекоа дека коските што се најдени на планината над селото Љуботен, близу до изворите се од Пино. Дека ДНК се совпаѓа – сведочеше мајката.

Тогаш, посочи таа, од полицијата и рекле да продолжи да соработува со нив и да ги вреѓа и плука на социјалните мрежи зашто се на чекор да ги фатат. Маја, рече, така и направила, продолжила во јавноста со навредите додека не биле откриени сторителите.

Мајката на Пино е првиот сведок во овој судски процес кој официјално започна денеска. Претходно на денешното рочиште обвинителката Лидија Раичевиќ и адвокатот на обвинетата Ангела Ѓорѓиевска даваа воведни зборови, а Ангела се изјасни дека не чувствува вина бидејќи не сторила ништо од тоа што пишува во обвинението.

Според обвинението, обвинетата на 11 декември 2018 година, го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило Опел Аскона, носејќи со себе пушка. Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот Шкода со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште.
Тројцата, се тврди во обвинението, се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо.
„Притоа, обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе“, посочија од обвинителството кога го поднесоа обвинението.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...