СЈО цели три години функционирало како злосторничко здружение. Во моментов ја гледаме аферата „Кеш“ од милионски размери проневерени пари помеѓу обвинителите и функционерите на СДСМ од касата и буџетот на СЈО, односно проневерени пари на граѓаните, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на прес конференција.
– Не само што се злоупотребувале овластувањата и законите за рекет и уцени, туку организирано се ограбувал буџетот на институцијата, односно се ограбувале милиони евра на граѓаните. Без никаква основа и без никакви критериуми стотици илјади евра се делеле секој месец на лица блиски до Зоран Заев и Катица Јанева – вели Арсовски и додаде дека си делеле пари и додатоци за дејствија кои по закон морале да ги преземаат.
Според него, нема поголема иронија кога Фатиме Фетаи се обидува да се оправда за стотиците илјади евра, повикувајќи се на патните трошоци кои пратениците во собранието ги земале, а за истите тие патни трошоци, истата Фетаи отвараше кривична истрага.
– СЈО се користело единствено за рекетирање, уцени, притисоци и испумпување на народните пари. СЈО е дувло на непотизам и дувло за испумпување на парите на граѓаните. Обвинителите во СЈО земале за 4 години помеѓу 200.000 и 400.000 евра и згора на се и тие пари им биле малку, па продолжија да рекетираат, гледајќи ги целата јавност сите оние случаи на рекетирање. Замислете, не само што си делеле пари меѓу себе обвинтиелите, тие делеле пари и на други владини функционери. На пример Арафат Ештреф Муареми директорот на финансова полиција, освен редовната плата, од СЈО земал 26,000 евра хонорар за нешто што му е работа по службена должност. За што ги земал овие пари? Дали ова доделување на пари на директорот на финансова полиција од страна на СЈО е по законски пат, и дали е законски? Дали ги земал парите за да изврши дејствија кои му следат согласно работниот опис на функцијата, како директор на финансова полиција?
Малку му биле тие пари, па неговата сопруга Премтиме Муареми исто така земала од СЈО илјадници евра надоместоци, односно земала пари од парите на граѓаните. Буџетот на државата и граѓаните е оштетен од страна на вработените во СЈО, од страна на СДСМ, преку кој се злоупотребени милионски суми – рече Арсовски.