Додека сè поекстремните временски услови го земаат данокот низ светот, компјутерскиот гигант ИБМ соопшти дека постигнал пробив во попрецизна, посовршена временска прогноза, која ќе им биде достапна на сите, не само на развиениот свет.
Новата технологија се очекува да им помогне на службите за вонредни ситуации подобро да предвидат каде ќе има сериозно невреме, на авиокомпаниите за подобро планирање на маршрутите, како и на земјоделците, за заштита на земјоделските култури.
Системот ќе им користи и на обичните граѓани во нивните секојдневни одлуки, како на пример дали да понесат чадор.
Новиот систем произведува почести и подетални предвидувања отколку што моментално се достапни надвор од САД, Европа и Јапонија.
Како што се објаснува, повеќето прогнози имаат резолуција од 10 до 15 квадратни километри и се ажурираат на секои шест до 12 часа, додека Системот за глобална атмосферска прогноза со висока резолуција (ГРАФ) на ИБМ покажува нови податоци секој час, на површина од три квадратни километри.
– Тоа ни дава детали што не можеа да се видат во делови од светот, како што се Југоисточна Азија, Африка и Јужна Америка – вели Кевин Пети, директор за наука и прогнозирање во Компанијата за временска прогноза на ИБМ.
Таа прецизно може да открие детали за тоа кога и каде ќе паднат екстремно обилни дождови, што е корисно во вонредни ситуации, но и во секојдневниот живот. На земјоделците може да им помогне да ги планираат садењето, жетвата и заѓубрувањето на земјиштето.
– Мислам дека е прилично големо достигнување – рече Фред Кар, професор по метеорологија на Универзитетот во Оклахома, кој не бил вклучен во проектот.
САД имаат сличен систем со висока резолуција, но тој е само за Америка, поради неговиот висок капацитет и брзината на компјутерот, рече тој.
– Да се направи таква прогноза за целата планета е прилично значајно – посочува Кар.
ГРАФ го применува најсовремениот метеоролошки модел на Националниот центар за атмосферски истражувања и го вметнува во „суперкомпјутерите“ на ИБМ.
Сепак, некои се скептични.
– Прогнозите се исто толку добри колку и набљудувањата врз кои се темелат – рече Кар.
Иако е можно брзо да се соберат податоци од радарите, снимките од авионите и мерењата на копно во САД, не е целосно јасно како ИБМ ги прима податоците од преостанатите 98 проценти од планетата, вели американскиот професор, особено во области што во моментот немаат воспоставени метеоролошки системи.
Тој се сомнева дека „ќе има дупки, проблеми и неуспеси, понекогаш при собирање и вметнување на тие податоци, а понекогаш – предвидувањата нема да бидат многу точни“.
Корисниците ќе можат сами да пресудат, бидејќи системот сега е достапен на веб-страницата Weather.com и апликацијата Weather Channel на смартфоните.
Во иднина, ИБМ се надева дека дополнително ќе ја унапреди својата прогноза со собирање податоци од сензорите за атмосферски притисок, кои се сега стандарден дел од паметните телефони. Овие сензори ја подобруваат прецизноста на ГПС.
ИБМ наведува дека во моментов не ги користи тие информации, но планира на корисниците да им понуди можност да се најават за нивните податоци да бидат дел од системот. Овој вид собирање податоци, патем, ги привлекува вниманието и критиката на активистите за заштита на приватноста.
Градот Лос Анџелес во моментов го тужи ИБМ за користење информации за локација на корисниците на апликацијата на Weather Channel.
Извор: Гласот на Америка