Трамп на сослушување за импичмент

Распитот ќе се одржи во среда, идната недела. Во соопштението се вели дека на седницата ќе се разгледува уставната втемеленост на претседателскиот импичмент.

137
ФОТО: EPA/ IAN LANGSDON / POOL

Одборот за правда при Претставничкиoт дом го покани претседателот Доналд Трамп и неговиот адвокат на сослушување во рамките на истрагата за можен импичмент на претседателот. Одборот за ова објави на својот сајт соопштение за јавноста.

Распитот ќе се одржи во среда, идната недела. Во соопштението се вели дека на седницата ќе се разгледува уставната втемеленост на претседателскиот импичмент.

Демократскиот конгресмен Џери Надлер, претседател на Одборот за правда, изјави дека испратил писмо до Трамп за да забележи дека правилата на одборот дозволуваат на сослушувањата да присуствува и претседателот, а конгресменте имаат право да постават прашања до неговите адвокати, кои во случајов ќе бидат сведоци.

– Всушност, претседателот има избор: тој може да ја искористи можноста да биде застапуван на сослушувањата за импичмент или може да престане да го обжалува процесот. Се надевам дека тој претпочита да учествува во процесот, директно или застапуван од свои правни советници, како што правеа и други претседатели – изјави Надлер.

Претседателот на Одборот за разузнавање, Адам Шиф, изјави дека комитетите што ја спроведуваат истрагата ќе ги презентираат своите извештаи веднаш откако законодавците ќе се вратат на работа по продолжениот празничен викенд во САД по повод Денот на благодарноста.

Во моментов, истрагата заеднички ја водат одборите за правда, за разузнавање и за надворешни работи.

Американскиот претседател Доналд Трамп коментирајќи ги сослушувањата на конгресот во рамките на истрагата за негов импичмент, изјави дека ниту еден претседател никогаш повеќе не би требало да поминува низ тоа.

– Тоа е демократска измама која не води никаде, но идните претседатели никако не смеат да бидат компромитирани. Она што ми се случи никогаш не треба да му се случи на ниту еден друг претседател, напиша Трамп на Твитер.

Во низа пораки тој истакна дека и дека „ги задржал парите наменети за Украина затоа што таа се смета за корумпирана земја“ и оти сакал да знае „зошто околните европски земји не ги даваат своите пари“.

Трамп ги критикуваше „волците од Вашингтон и медиумите кои шират лажни вести“, тврдејќи дека се бори за иднината на идните претседатели, откако судија на федералниот суд во Вашингтон донесе одлука дека поранешниот правен советник на Белата куќа, Доналд Мекган, мора да одговори на обврзниот повик на Претставничкиот дом да сведочи во истрагата за отповикување на Трамп.

Тој додаде дека всушност би сакал официјални лица, како што е државниот секретар Мајк Помпео, да сведочат во „лажната измама на процесот за отповикување“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...