Според позитивните законски прописи во Македонија доделувањето на спорните и превисоки хонорари во стотици илјади евра од државниот буџет, од Катица Јанева сама на себе, како и на останатите обвинители, службеници и вештаци во СЈО, би требало да се иследува според член 353 став 5 од КЗ (злоупотреба на службена положба) и член 354 став 3 (проневера во службата), смета пратеникот Антонио Милошоски.
„Ова особено се однесува на периодот после јуни 2017 година од кога СЈО, Катица Јанева ниту било кој нејзин помошник обвинител не се овластени тужители за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка.
Како олеснителна околност за секој од помошниците обвинители од СЈО би требало да се цени гестот доколку некој од нив одлучи да ги врати во државниот буџет незаконскиот дел од високите суми за доверливост, добиени надвор од редовните месечни примања, кои секако биле три пати повисоки од примањата на нивен колега обвинител во ОЈО“, пишува Милошоски на Фејсбук.