Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Д.Ј. (35), Ш.Е.(50) и М.Е. (36), сите од Скопје, и против едно непознато лице поради основано сомнение за сторени пет кривични дела „тешки кражби“.
Како што информира МВР, во периодот од 24 септември лани до 13 април годинава пријавените извршиле три тешки кражби и две кражби во обид на бензиски пумпи, маркети и аптека. Со употреба на физичка сила и алат ги отворале влезните врати и одзеле сеф во кој имало 256.346 денари и поголема количина на цигари.
Еден од сторителите, односно Д.Ј. бил во бегство од Казнено поправната установа Куманово од 2015 година. Тој на 15 месецов околу 8 часот во кафе бар во Скопје бил лишен од слобода и предаден во Казнено-поправната установа во Куманово на доиздржување казна затвор до 2019 година.
Полицијата, истиот ден во Скопје, на улицата „Благоја Стефковски“ при претрес во домот на второ и третопријавениот, пронашла и одземала предмети од извршените кривични дела, по што и тие биле лишени од слобода. Второпријавениот Ш.Е. бил спроведен во Казнено-поправната установа Идризово за доиздржување казна затвор од осум години и 11 месеци.