Треба да се прилагодиме на новата методологија што ќе биде донесена за преговори со ЕУ, а не да играме на картата дека ќе се создаде притисок. И во 2012 и 2013 земји-членки потпишуваа писма за веднаш да се почнат преговори со Македонија и денеска го имаме истото, порача поранешниот министер за надворешни работи, а сега пратеник Никола Поповски.
Тој зборуваше на седницата на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на која присуствуваше и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
– Не е првпат и многу веројатно ни последен да нема одлука во однос на преговорите со Македонија. Тоа што е значајно и треба да го знаеме е дека има две причини. Првата и главна е дека земјите-членки не сметаат дека ова е едно од најкритичните прашања во даден момент зашто ако сметаат дека е критично прашање тогаш се носи одлука – рече Поповски.
Тој порача дека исто така, мора да се знае дека лидерите во ЕУ кога ќе одат во Брисел носат одлуки под притисок на нивната домашна јавност.
Менувањето на методологијата, според Поповски, во пракса не се однесува на Македонија и Албанија туку најмногу ќе се одрази на Србија и на Црна Гора зашто тие веќе почнале преговори со одредена методологија. Тоа да се сподели со тамошната јавност, смета тој, ќе биде многу тешко.
Во однос на новиот предлог тој рече дека нема што многу да забележи освен една работа, а тоа е дека не мора да се менуваат многу документи за да се воведе новата методологија освен на оние документи кои се однесуваат на пристапот до фондовите на ЕУ.
Поповски го спомена и „малиот шенген“ за чиј придобивки немаше многу што да каже, но спомена дека треба да нѐ радуваат идеите за поголема зближеност ако не за друго, барем затоа што земјите од регионот мора да научат да функционираат и комуницираат меѓу себе, што на крај треба да биде и дел од ЕУ.
Поранешниот министер и актуелен пратени од опозицијата, испрати и порака дека не треба да има поделби во домашната јавност на „оние кои се за ЕУ“ и на „оние кои не се“ и го поздрави тоа што Бујар Османи кажа дека постигнатото досега е резултати не само на оваа туку и на сите претходни влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.