По многубројни неуспешни тендери, до крајот на годината се очекува да биде објавен нов меѓународен тендер за изградба на ХЕЦ Чебрен.
Со новиот сеопфатен пристап и студиите направени за ХЕЦ Чебрен, како и вклучување на сите релевантни страни, владата очекува овој тендер да биде успешен а проектот и конечно да се реализира.
Постои голем интерес од меѓународните компании за инвестирање во овој проект, информираа денеска од Меѓународната финансиска корпорација (International Finance Corporation – IFC), дел од групацијата Светска Банка.
ИФЦ денеска ја презентира прелиминарнaта стратегија за изградба на ХЕЦ Чебрен пред економскиот тим на владата. Студијата ја презентираа претставници на консултантската куќа АФ МЕРКАДОС во соработка со Ексергија, кои беа ангажирани од страна на ИФЦ.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев, како што соопштија од неговиот кабинет, смета дека ХЕЦ Чебрен ќе овозможи дополнителна стабилности и сигурност на електро-енергетскиот систем во земјава со обезбедувањето на секундарна регулација и потребните балансни услуги на системот во земјата и во регионот.
Со изградбата на овој енергетски капацитет, како и реализација на проектите за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од околу 200 мегавати, што е десеткратно поголемо производство од досегашното, удвојување на производството на електрична енергија од ветерни електрани, производството на електрична енергија од обновливи извори значително ќе се зголеми.