Командант Симоновски: И еден да спасиме под урнатините во Драч, ќе бидеме пресреќни

Голем е предизвикот кај сите  нас - да вроди со плод нашето заминување во Драч, бидејќи посакуваме да спасиме што е можно повеќе луѓе. Јас досега сум спасувал луѓе од пожари и други ситуации каде ја повикувале бригадата, а двајцата колеги имаат искуство од вежба на НАТО во Словенија. Но ова не е вежба, туку за жал, реална ситуација во која максимално ќе се вложиме - раскажува Влатко.

3761

И еден да спасиме под урнатините во Драч по земјотресот, ќе бидеме пресреќни, вели за Плусинфо предводникот на екипата, Влатко Симоновски, пред заминувањето за Драч, Албанија. Силен земјотрес утринава ја погоди оваа наша соседна земја и досега однесе најмалку 14 човечки животи. А 23 лица биле извлечени само под урнатините во Драч.

Симоновски е командант на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, а заедно со уште тројца колеги пожарникари и двајца коишто се во овој тим по препорака на Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, веќе ги пакуваат торбите за спасувачка мисија во Албанија.

Градот испрати и беспилотно летало кое ќе врши 3Д мапирање на теренот за да им помогне на спасувачките служби кои се во Драч.

Апаратот за дишење прв на листата

Апаратот за дишење е прв на списокот за пакување.

– Еве веќе се пакуваме, гледаме од брзање да не заборавиме нешто. Се разбира, најважно е да не пропуштиме нешто од заштитната опрема, први се изолационите апарати за дишење кои се задолжителни и без кои не влегуваме никаде. Одиме во Драч, каде треба да стасаме уште денеска попладне, за да ги спасуваме луѓето кои се заглавени под урнатините. Па и еден да извлечеме, ќе бидеме среќни – вели за Плусинфо командантот Симоновски.

Сите шестмина спасители од Македонија се млади луѓе, на возраст од околу 30 – 40 години. Со термалниот дрон и термалните камери, како што додава Влатко, кои може да ги лоцираат затрупаните според телесната температура, ќе управуваат двајца колеги од Град Скопје.

„Стравуваме дека има многу луѓе под урнатините во Драч“

Оваа мисија во Драч, инаку, ќе биде „огнено крштевање“ на екипата од Скопје.

За тоа дали и колку се возбудени пред ова ненадејно патување, командантот Симоновски со одговор:

– Па стандардно, не чувствувам преголема возбуда, а иако сме професионалци во тоа што досега сме го работеле, сепак голем е предизвикот кај сите  нас – да вроди со плод нашето заминување во Драч, бидејќи посакуваме да спасиме што е можно повеќе луѓе. Јас досега сум спасувал луѓе од пожари и други ситуации каде ја повикувале бригадата, а двајцата колеги имаат искуство од вежба на НАТО во Словенија. Но ова не е вежба, туку за жал, реална ситуација во која максимално ќе се вложиме – раскажува Влатко.

Во врска со тоа колку дена некој може да преживее под урнатини, тој вели:

– Може да се преживее и неколку дена, а најбитно е лицето да има простор меѓу него и урнатиот дел, за да има воздух непречено да дише. На ваков силен потрес, што го почувствувавме и во Скопје, стравуваме дека има многу луѓе под урнатите згради во Драч – објаснува Симоновски.

– Среќен пат и успешна мисија!  – му посакавме и на Влатко и на екипата.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...