Изборите ќе нѐ чинат најмалку 6,8 милиони евра

Сумата од околу 6,8 милиони евра е очекувана и реална, со оглед на трошоците за спроведување на изборните активности., велат од ДИК. Но во таа сума не се вклучени трошоците за покривање на изборната кампања на партиите, односно за медиумското рекламирање.

181

Десеттите парламентарни избори ќе ја чинат државата најмалку 6,8 милиони евра.

Во буџетот за следната година, за кој моментно се води расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет, се предвидени над 419 милиони денари за спроврдување на изборите за пратеници, додека целиот буџет на Државната изборна комисија тежи близу 495 милиони денари или нешто повеќе од 8 милиони евра.

Од ДИК велат дека сумата од околу 6,8 милиони евра е очекувана и реална, со оглед на трошоците за спроведување на изборните активности. Но во таа сума не се вклучени трошоците за покривање на изборната кампања на партиите, односно за медиумското рекламирање. За таа цел, како што објаснуваат од ДИК, од државната каса се исплаќаат дополнителни средства, во зависност од тоа колку политички субјекти ќе учествуваат во изборната трка.

Според член 84 од Изборниот законик, при финансирањето на изборната кампања, учесникот во изборната кампања може да потроши најмногу до 110 денари по запишан избирач во изборната единица, односно општината за која има поднесено листа на кандидати, односно листа на кандидат во првиот и вториот круг на гласање. Со оглед на измените во Законот за финансирање на политичките партии од 2018 година, со кои финансирањето на политичките субјекти во најголем дел е од државната каса, овие средства од годинава се надоместуваат исто така од буџетот.

Годинава, за тројцата кандидати за шеф на државата во буџетот беа предвидени околу 10 милиони евра или по 3,3 милиони ева за покривање на кампањата. Со тие средства беа покриени сите трошоци за рекламирање во телевизиите, весниците и интернет-порталите, додека митинзите, билбордите или изборните материјали… се обврска на кандидатите, односно партиите што ги поддржуваат.

Независно што изборите, кои се договорени за 12 април, се вонредни, во буџетот за 2020 година, во секој случај, ќе требаше да се одделат средства за избори, со оглед  на тоа што од октомври в година ќе почнеа да течат редовните термини за одржување на десеттите парламентарни избори.

Последните избори за пратеници во земјава се одржаа на 11 декември 2011 година и тие беа четврти по ред предвремени во историјата на независноста на земјата. За разлика од сега, за тие избори во буџетот беа предвидени околу 7,5 милиони евра, со тоа што медиумското покривање на кампањата беше на товар на партиите.

Значително „поевтини“ беа годинешниве претседателски избори, за кои беа предвидени близу пет милиони евра во буџетот за 2019 година, во делот на спроведувањето на изборните дејствија. Од тие пари, дури околу половина милион евра беа потрошени за изборите во дијаспората, каде што за гласање се пријавија едвај нешто повеќе од 1.700 наши иселеници.

Иако се спроведуваат во еден круг гласање, парламентарните избори, сепак, чинат поскапо од претседателските, за кои се гласа во два круга, според мнозински модел. Паралелно со последните претседателски избори, се одржаа и дополнителни избори за градоначалници во три општини – Охрид, Дебар и Ново Село. Престојните парламентарни избори, пак, најверојатно и овој пат ќе се одржат според досегашниот пропорционален модел со шест изборни единици, затоа што партиите досега не успејаа да постигнат консензус за промена на начинот на гласање.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...