Ниту една јавна личност не е лишена од приватни активности после преземањето на политичка или друг вид на функција во државата. И тие, покрај сѐ, наоѓаат време за на театар, за прошетка со мотор, за скијање и пливање, за годишен одмор, за џускање во кафиќи и дискотеки, за посета на спортски натпревари, за концерти, за возење точаци, скутери и таканатаму. Верувам дека со ова се согласува мојот пријател Геро, кој, од само нему познати причини се ставил во друштвото на глупантропи споменати во еден мој вчерашен статус на ФБ кој го испровоцирал за јавна реакција, во која ме опоменува за „прекурчувањето“ од деценискиот популизам на претходната власт, со кој, за жал, според него продолжува и оваа, или барем таков впечаток ми остава, и ме прашува што сакам. Па, сакав, на пример, да не се препознаеш во тоа писание, друже Геро, ама јебига…
Популизам? Хе, гледам дека нема секојдневно сечење црвени ленти на селски чешми, нема директни преноси од фрлање лопати врз празни дупки, нема ТВ екипи при поставување колчиња на тротоарите, ниту при садењето дрва, нема шетање низ македонските и турските чаршии со семјството, ниту возење велосипед од подрумот на владата, додека дежурните екипи на информациските ТВ станици го чекаат на кеј, нема свечени отварања на уметнички изложби, нема ниту лажно купување книги во книжарниците, нема кебапчиња во „Тетекс“, нема телефонско решавање на проблемите на граѓаните, нема одење пешки на работа, настан снимен со неколку камери од различни позиции, нема ниту бизнис трип репортажи, и дузина вакви слични кои го карактеризираа популизмот на Груеваки, и, замисли, сето тоа намерно да се прави, со наредба до медиумите задолжително да се пренесуваат сите активности на премиерот, да се репризираат неговите досадни говори до повраќање…
Најверојатно од предозираноста на таквиот популизам, сега дуваме и на ладно, всушност на нешто што е сосема нормална работа, а тоа значи дека и тие, функционерите, па и премиерот, имаат слободно време кое го искористуваат според своите потреби и намери, ете, за посета на театар, за возење мотоцикл, за скијање, за пливање. И замисли друже Геро, тоа се објавува од други извори, не од пиарот на владата, не се проследени со задолжително присуство на сите значајни медиуми, па затоа сѐ почести се и глупнатропските „критики“ за ваквите потези, кои спаѓаат во категоријата алапачење, без, смисла за пренесена критичка порака. Штетни се, наполно исто како и фалењето односно глорифицирањето на секој потег на премиерот и владата од некои „партали“ самопрогласени медиуми. А има доволно работи кои се за отворена дебата и критика. Премиерот возел мотор, бил во театар, та преку тасета. Нека вози и џамбо, само да гледаме да не ја извози државата, бе, Геро. Тоа треба да биде целта на критизерските пера, не алапачење, барајќи влакно во јајцето стравувајќи дека и овие се исти. Далеку се, сѐ уште…