За најмалку шест жртви и околу 150 повредени, како и паднати згради по силниот земјотрес што рано утрово ја погоди Албанија, јавуваат локалните медиуми.
Според последните потврдени информации од Министерството за одбрана, животот го загубиле шест лица, од нив тројца во населбата „18“ во Драч, две во Туман и едно лице во Курбин.
Сѐ уште не е позната судбината на четворица косовски граѓани кои биле сместени во мал хотел во Драч кој е целосно урнат. Не се исклучува можноста во хотелот да настрадал и некој од персоналот.
Спасувачки екипи се максимално ангажирани во отстранување на урнатините од петкатница во Драч и повеќекатница во Туман. Според очевидци, под урнатините во зградата во Туман има девет лица – членови на две семејства.
Работата ја отежнуваат честите потреси, кои од неколку минути пред четири часот ја надминуваат бројката од 110 потреси.
Од под урнатите на станбена зграда во Туман, кај Фуш Круја, извлечено е тело на повозрасна жена, која во своите прегратки го заштитувала своето внуче, кое за среќа спасувачките екипи го извлекле од под урнатините и е во добра здравствена состојба.
Министерството за одбрана на Албанија соопшти дека маж и жена загинале кога паднала зграда во Тумане, 36 км северно од Тирана. Едно лице загинало откако скокнало од својот дом за да избега од тресењето во Курбин, 50 км северно од главниот град. Уште едно лице загинало во Драч, на 33 км од Тирана, кога паднала зградата, а спасувачките служби се борат да спасат и други од зградата.
Во Драч во урната зграда сѐ уште се заглавени најмалку десет лица, кои спасувачките екипи се обидуваат да ги извлечат. Во Драч,каде материјалната штета е огромна, веќе прстигнаа премиерот Еди Рама, минстерката за одбрана Олта Џака и минстерот за внатрешни работи Сандер Лешај.
Албанскиот премиер Еди Рама во првата реакција по силниот земјотрес што ја погоди земјата оценува дека ова е драматичен момент, но оти заедно ќе се справат со него.
„Ова е драматичен момент, треба да ја зачуваме смиреноста, да бидеме еден до друг и заедно да се справиме со состојбата. Ние ќе сториме се и со нашите големи пријатели ќе ја надминеме оваа ситуација. Храброст!Трпение! Солидарност,“ напиша Рама на Фејсбук.
Има и жртви, па затоа Рама додава дека целата држава е на нозе.
„Од силниот земјотрес има сериозни последици и, за жал, загубивме животи. Сите државни структури се во функција уште од првите моменти по потресот. Интензивно се работи на неколку фатални места во Драч и Туман за да се спаси секој можен живот“, наведува Рама.
И албанскиот претседател, Илир Мета и лидерот на Демократската партија, Лулзим Баша, изутринава пристигнаа во месноста Тумана, кадешто силниот земјотрес предизвика голема материјална штета.
– Многу драматична ситуација. Се прават напори да се извлечат луѓето од под урнатините. Посакувам да нема многу жртви. Нека секоја институција ја заврши својата работа – рече Мета, кој ја посети и локалната болница.
Сите здравстени установи и другите структури се во мобила состојба.
По првиот потрес во 3:54 часот, со епицентар во близина на Драч, јачина од 6,4 степени според Рихтер, регистирини се најмалку 15 потреси со помала јачина.
Денешниот е најсилен земјотрес почувствуван во земјата во последните 30 години. Билансот од претходниот земјотрес што исто така беше со епицентар во Драч беше повеќе од 100 повредени и 300 домови оштетени.
Земјотресот беше почувствуван и во Македонија, Црна Гора и во Грција. Неколку минути по главниот потрес е регистриран уште еден земјотрес со јачина од 5,3 степени.
Драч од силен земјотрес беше погоден и на 21 септември, со магнитуда од 5,8 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот беше на 30 километри северно од Драч, во Јадранско Море.
Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала во Охрид, Струга, Дебар, Гостивар, Тетово, IV-V степени во Скопје, Кичево, Битола и со интензитет од III-IV степени во источните делови на земјава.