Доктори од ВМЦ ќе можат да лекуваат и во јавното здравство

377

Во измените на Законот за служба во Армијата, кој е во собраниска процеура предвидовме и законска рамка во која одреден број лица кои работат во Воено медицинскиот центар, а имаат медицинска, стоматолошка или фармацевтска струка ќе можат одреден број часови да работат и во јавното здравство. Тоа ќе биде плус за јавното здравство и за пациентите, и ќе биде и за нив шанса да имаат дополнително искуство и да имаат и дополнителни примања. На ваков начин ќе ги јакнеме капацитетите особено со специјалистички кадар, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа заедно со министерот за здравство Венко Филипче денеска имаше состанок со претставници на Генералштабот на Армијата и група вработени во Воено медицинскиот центар, на кој, како што посочи, зборувале за начините на кој начин јавното здравство и тие кои работат во Армијата, во медицинскиот, фармацевтскиот и стоматолошкиот дел можат подобро да соработуваат и да бидат поефикасни.

Се сложивме, истакна министерката, дека системот на јавно здравство ако не биде флексибилен многу потешко ќе функционира и ние го правиме нашиот придонес во делот на Армијата.

– Во Воено медицинскиот центар работат повеќе од 20 специјалисти, имаме дополнителен број помлади колеги кои во моментов се на специализација и тие нивните знаења и искуства не можат доволно да ги применат доколку работат исклучиво за потребите на Армијата. На ваков начин тие ќе помагаат и во јавното здравство, а во Законот предвидовме и луѓе од јавното здравство да можат заедно со нив да учествуваат на пример на одредени НАТО мисии кои се добра финансиска инјекција за нивните семејни буџети. Сметаме дека на ваков начин ќе имаме поголемо задоволство во нашиот Воено медицински центар, но ќе имаме и повеќе шанси и капацитети и во јавното здравство, рече Шекеринска.

Дополнително со Законот, појасни, сите цивили кои работат во Армијата добиваат дополнителни приходи заради тоа што нивните плати долго време биле потценети.

– Имавме случаи во Воено медицинскиот центар личност која има Медицински факултет да има помала плата од лицата кои работат со неа во канцеларија, а се со средно образование. Сега тоа го решаваме и со новиот Закон, меѓутоа врската меѓу Воено медицинскиот центар и јавното здравство сметаме дека ќе биде голема шанса за медицинскиот кадар, а ќе биде плус и за капацитетите кои ни се потребни на сите нас како граѓани и како потенцијални пациенти, додаде Шекеринска.

Министерот Филипче рече дека во рамките на Министерството за здравство се изготвува стратегијата за човечките ресурси во здравство од 2020 до 2026 година и таа ќе биде промовирана на почетокот на 2020 година. Во таа смисла, посочи, веќе направивме измена во Законот за здравствена заштита со цел секој доктор односно тим заедно со медицинска сестра да биде максимално искористен.

– Од една страна да ги искористиме специјалистите таму каде немаат доволно работни обврски во рамките на својата специјалност односно сакаат да прават и дополнителна дејност, како на пример хирушка дејност. Воено медицинскиот центар е класичен пример за тоа заради тоа што порано бил во рамките на Воената болница, сега ГОБ „8 Септември“, меѓутоа на колегите им е скратена можноста да работат во операционите сали. Во таа смисла Законот за здравствена заштита прво дозволува сега работа на сите специјалисти во рамките на јавното здравство во здравствените домови каде нема специјалисти од одредена област. Така ја носиме здравствената услуга поблиску до пациентите, до граѓаните со цел да се намали притисокот кон регионалните болници или кон клиниките во Скопје, рече Филипче.

Според него, со оваа соработка благодарение на измената на Законот за служба ќе им овозможи на сите вработени во Воено медицинскиот центар прво да ја надградуваат својата експертиза, дополнително да заработат и јавното здравство да има бенефит заради тоа што ќе има надополнување на кадарот таму каде најмногу недостига прво преку дежурствата, а понатаму и вклучување преку системот „МојТермин“ и за одредени интервенции за кои имаат експертиза и порано ги правеле.

– Овој центар ќе биде атрактивен и за младите лекари заради тоа што освен овие обврски кои ќе ги имаат во рамките на Воено медицинскиот центар врзани за Армијата дополнително опциите кои ќе се отворат благодарение на тие дополнителни опции внатре во НАТО системот, сепак ќе се најдат и во системот на јавното здравство, додаде Филипче.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...