АФЕРА „РЕКЕТ“ Не се двајца, Орданоски, има повеќе гуланфери, во власта и околу неа!

Досието „Рекет“ не е затворено. Наводно, допрва ќе се откриваат нови, скандалозни и компромитирачки аспекти на овој случај, кои можеби нема да ја потврдат тезата на Сашо Орданоски дека Спец Катица е невина, туку ќе покажат дека и од неа има повиновни. Гуланфери, разбира се. Многу повиновни, многу повисоко во врвовите на власта.

14221

Во едно нешто апсолутно се согласувам со мојот драг колега Сашо Орданоски, кој во својата последна колумна (Каде е „нултата точка“ на аферата „Рекет“?) предупредува дека Обвинителството ќе има тешка задача да го добие случајот „Рекет“ во своја корист.

„На Суд ќе се суди дали, врз основа на фриволни телефонски блебетања од страна на двајца гуланфери, е извршена изнуда, со учество на врвен државен функционер, врз основа на докази – од она што, до сега, го видовме и чувме како ДОКАЗ, не е исклучено дека Обвинителството ќе има голема мака да го добие случајот во своја корист“, пишува колегата.

И јас, како и вие, би сакал да знам кој е тој „врвен државен функционер“ на кого мисли Орданоски. Како и да е, на заштитниците на ликот и делото на Катица Јанева мора да им се одаде признание за упорноста, а особено за отворената најава дека во текот на судскиот процес ќе се направат сите можни и невозможни напори (читај: притисоци) да се докаже нејзината невиност. Не затоа што чувствата кон Катица кај некои луѓе уште се „измешани“, туку од себични причини.

Имено, колегите истражувачки новинари деновиве обзнанија колку пари, покрај своите редовни и за наши прилики астрономски плати, примале Спец Катица и другите обвинители и истражители. Како бонуси. Станува збор за стотици илјади евра буџетски пари, пари на даночните обврзници на оваа земја. Веќе јавно е документирано кој колку се офајдил. Но, дали со нивните имиња списокот на бенефитори е исцрпен? Се сомневам…

Орданоски и за нешто друго е во право – прашањето на кое Судот (или некоја друга соодветна институција) ќе треба да пронајде вистински одговор е зошто на Катица Јанева, покрај огромните примања, ѝ дошло до еден тросед во дневната соба, или до оние евра снимени во хип-хоп позата, или до она глупирање и луксузирање на Халкидики…. Можеби нејзините најблиски соработници-гуланфери (како што ги нарекува колегата) можат да помогнат во разрешувањето на таа дилема. Но, тоа сега е помалку важно.

Многу поважно е она на што во еден статус на Фејсбук го посочува Александар Диневски: „Скандалозното, незаконско и неосновано грабање на огромни средства од буџетот од страна на ‘специјалките’ од СЈО е сериозен и непобитен основ за покренување на истрага од страна на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, во која екс-специјалките од СЈО ќе се третираат како злосторничко здружение. Принципот на владеење на правото неизбежно го налага тоа! Криминалот не се сузбива со друг криминал!“.

Кон оваа теза на Диневски, јас би додал уште две прашања, едно старо и едно ново:

Прво, дали некој конечно ќе се охрабри да одговори на прашањето што веќе го поставив во петокот: дали во СЈО имало спец-каса, а ако имало – колку пари се собрале во таа каса и од кои извори, колку пари се потрошени и за што, кој раководел со касата и кој се офајдил?

И второ, дали СЈО делело хонорари на свои надворешни советници – кому, за какви услуги и колкави пари? Ако се поделени такви хонорари, редно ни е да се објави списокот. Транспарентно.

При крајот на овој текст, во духот на почитувањето на Кодексот на новинарите на Македонија и на општо прифатените стандарди на журналистичката етика, би сакал колегијално и љубезно да го замолам колегата Орданоски јавно да ги повлече изнесените клеветнички наводи во својата колумна, кои се однесуваат на мене лично. При тоа, сакам да верувам дека ги пласирал затоа што веројатно бил недоволно информиран за мојата улога во разоткривањето на аферата „Рекет“ и можеби подлегнал на некои неосновани шпекулации во врска со тоа.

Најнапред, сакам да нагласам дека според јавното сведоштво на Зоран Заев, повторено повеќе пати, премиерот се огласува како „пријавител“ на случајот „Рекет“ и тврди дека врз основа на неговата пријава Обвинителството го покренало овој случај (најмалку еден месец пред моите први написи во јуни годинава). Според тоа, ноторна лага е тврдењето на Орданоски дека Обвинителството го прифатило мојот „наратив“ при постапувањето во овој случај.

Понатаму, веројатно Орданоски нешто се збунил, или едноставно не се сеќава дека во ниту еден од моите „кики-фрики написи“ јас не ги третирав аудио и видео материјалите снимени во куќата на Камчев. Пишував за матните зделки на невладината организација Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски и за рекетирањето на десетина бизнисмени. Тоа може лесно да се провери. Оттаму, безвезна лага е тврдењето на Орданоски дека јас сум тврдел дека „нултата точка“ на случајот бил моментот кога Камчев дал аудио и видео материјали со кои ја поткрепил својата кривична пријава. Орданоски треба да се сеќава кој ги објави снимките (тоа не бев јас), а секако и на тоа дека јас во своите написи со аргументи инсистирав случајот „Рекет“ да се прошири на најблиските соработници на Јовановски од Меѓународен сојуз, што подоцна и се случи.

Од Орданоски навистина не очекував да ме наклевети дека сум добил „задача“ да го објавам скандалот. Ова навистина е подло! Во принцип, ваквото тврдење би морало да се докаже на суд, кога би морал со мојот драг колега да се расправам во судниците на Граѓанскиот суд во Скопје. Но, јас секако нема да го сторам тоа, бидејќи за мене е сосема доволно тоа што самиот Сашо Орданоски знае дека за ова безочно лаже.

Патем речено, за разлика од него, кој си зел задача да ги одбрани Катица Јанева и Зоран Заев од овој срамен скандал (не се ни осмелувам да помислам, а камоли да напишам дека тој од некого добил „задача“ за такво нешто), за разлика од неговите директни и јавни сугестии дека Обвинителството нема да може да го одбрани кејсот во текот на процесот – е тоа е мобинг врз Судот! – јас не се ставам во улогата на судија, обвинител или истражител. Моја професионална должност е информациите, сомневањата и сите други наводи што ги дознавам во врска со аферата да ги споделам со јавноста, а органите на прогонот, врз основа на институтот допрен глас, можат слободно да ја вршат својата работа и да постапуваат како што сакаат – да игнорираат, да истражуваат, да покренуваат обвиненија, да судат…

Сосема на крајот, би сакал уште еднаш да предупредам дека имам сознанија, а еве веќе има и јавни навестувања, дека досието „Рекет“ не е затворено. Наводно, допрва ќе се откриваат нови, скандалозни и компромитирачки аспекти на овој случај, кои можеби нема да ја потврдат тезата на Сашо Орданоски дека Спец Катица е невина, туку ќе покажат дека и од неа има повиновни. Гуланфери, разбира се. Многу повиновни, многу повисоко во врвовите на власта.

Судот ќе суди како што ќе суди – се надевам, овој пат без политички притисоци – но ќе суди и јавноста. А таа, јавноста, веќе многу добро знае кој и зошто ја уби надежта дека во оваа земја ќе има правда и мир. Некој за тоа ќе мора да плати цена.

ПС. За помладите, зборот гуланфер значи скитник, човек без работа, мангуп, пробисвет…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...