Турски борбени авиони „Ф-16“ денеска ќе летаат над главниот град Анкара за да го тестираат новиот прортивракетен систем „С-400“, и покрај притисокот на САД да го отфрли овој руски систем, пренесуваат турските медиуми.
Купувањето на рускиот одбранбен систем е главниот камен на сопнување во односите меѓу Туција и САД, кои тврдат дека рускиот „С-400“ не е компатибилен со одбраната на НАТО и претставува опасност за нивните авиони „Ф-35“.
Од канцеларијата на гувернерот на провинцијата е соопштено дека турските воено-воздухопловни сили денеска и утре ќе прелетуваат над Анкара со задача да го тестираат радарскиот систем за одбрана, пренесуваат британските медиуми.
Турција од јули почна да добива испораки на делови од „С-400“, но целиот систем се уште не е оперативен.
Тензиите меѓу САД и Турција влијаеја и на минатогодишното слабеење на вредноста на турската лира за дури 30 отсто.
Висок претставник на Стејт департментот по средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган, пред десетина дена во Белата куќа, изјави дека Турција мора да се „ослободи“ од рускиот систем.
Трамп кажа дека нивните разговори во Белата куќа биле „прекрасни“, но остана нејасно дали НАТО сојузниците направија исчекор околу прашањето за „С-400“, бидејќи Ердоган подоцна изјави дека американскиот притисок да се откаже од купувањето на радарскиот систем претставува кршење на суверените права на неговата земја.
Вашингтон дополнително ја суспендира Турција од Програмата за изработка на новата генерација на борбени авиони „Ф-35“, предупредувајќи ја Анкара дека може да се соочи и со американски санкции.