Македонскиот народен театар вечерва на Малата сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев, според истоимената збирка кратки пиеси објавена пред 20 години, приредена од театрологот Јован Ќирилов.
Од четириесетина пиеси од исто толку автори во антологијата издвоени се десет кои со својата драматуршки фрагментирана форма градат заокружена сценска слика и пресек на театарот од првата и дел од втората половина на претходниот век.
Темите што ги поврзуваат десетте кратки драми се тоталитаризмот, недоразбирањето, тегобноста, зачуденоста, минливоста на времето, општата состојба на апсурд.
„Секоја од овие пиеси „минијатури“ на Муза Павлова, Чехов, Хајнер Милер, Каринти, Фридман и други автори, од својата неконцизна основа го повикуваат хуморот како спас од вртлогот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата“, соопшти МНТ.
Во претставата играат актерите Снежана Коневски-Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски. Сценографијата е на Трајче Ѓоргиев и Татјана Блажевска-Христовска, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката е на режисерот и драматургот Дарко Јан Спасов.
По вечерашната премиера, претставата репризно ќе биде изведена на 29 ноември.