Аврамовска Ѓореска: Жените во ЛДП не сакаат да бидат само квота

107

Жените не се бројка, туку се наш квалитет, заклучија учесниците на Петтото Собрание на Форум на жени на Либерално-демократската партија што се одржа во Скопје.

Изминатите четири години пратеничката од македонското собрание и потпретседателка на ЛДП, Јулиана Николова преседаваше со Форумот. Таа потенцира дека изминатиот период заеднички работеле на интензивна едукација, во која е вложено многу труд, во соработка со меѓународните организации FNF, ALDE, VVD, Liberal International, NDI, со цивилниот сектор од нашата земја, како и со огромна поддршка на машките колеги.

– Во изминатиот период постигнавме многу. На последните парламентарни избори, три од пет кандидати за пратеници беа жени. Од три пратеници кои влегоа во Собранието, две се жени. Речиси 50% од советниците на ЛДП во општинските совети се жени. Морам да истакнам и дека од четири потпретседатели во партијата, две сме жени. Сигурна сум дека новото раководство ќе биде уште поуспешно, дека жените и понатаму ќе бидат еден од главните столбови во партијата и дека и жените ќе имаат одговорни функции, не поради квоти, туку поради квалитетот и исполнителноста – истакна Николова.

– Кога ја поднесов кандидатурата ме следеше силна емоција за мојата поврзаност со ЛДП цели 22 години партиски ангажман, буквално пораснав со ЛДП, созреав во политичка личност и така сакам да остарам. Пред вас стои жена, мајка, сопруга, пријателка, либералдемократка која цврсто верува дека во жената се наоѓа моќта да создава, да се грижи и да менува. Жените во ЛДП секогаш размислуваат различно, со аргументирани ставови. Затоа, како претседателка сакам сите заедно да постигнеме зголемување на жените во извршната власт, почитување на индивидуата, да ја шириме мисијата и визијата за просперитетна држава. Буквално, сакам жената да остави траен историски печат во општеството преку политичкото дејствување – истакна Билјана Аврамовска Ѓореска, новата претседателка на Форум на жени на ЛДП.

Честитки за новата претседателка дојдоа и од врвот на партијата, претстедателот на партијата, Горан Милевски и останатите, потпретседателката Моника Зајкова, како и потпретседателите Зоран Шапуриќ и Игор Вељаноски.

– Особено сум горд на жените во партијата, честитки за новоизбраната претседателка на Форум на жени на ЛДП. Сакам да потенцирам дека продолжуваме да се бориме заедно со жените, тие константно се движечка сила, сите заедно размислуваме различно и овој период интезивно носиме резолуции и одлуки за либералните вредности кои итаат кон патот до ЕУ – додаде Милевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...