Здружението „Дијаспора за Струга“ ќе го тужи градоначалникот Рамиз Мерко ако не запре со уништување на струшките плажи.
Здружението преку соопштение реагира дека се загрижени за случувањата во Струга, поради злоупотребите на брегот на Охридското езеро.
– Културата на поробување и уривање на јавниот имот, за жал во Општина Струга полека станува дел на стратегијата на градоначалникот Мерко, подржана и од коалицискиот партнер СДСМ. Потсетуваме дека Струга со околината, и нејзините природни богатства не се приватна сопственост на Рамиз Мерко и неговите луѓе, така како што не е приватна сопственост ниту на Владата. Нема да дозволиме подземјето и партиските олигарси да го узурпираат јавниот имот во нашето родно место, да ја нарушат флората и фауната на брегот на Охридското езеро. Го повикуваме Мерко и неговата владејачка екипа веднаш да го запрат секој незаконски акт и акт на злоупотреба кој ја нарушува Струга, во спротивно ќе поднесеме кривична пријава против Општината, градоначалникот Мерко, шефот на Секторот за Урбанизам, како и против Владата и соодветните министерства – стои во соопштението.
Здружението ја повикува СДСМ да се дистанцира од ДУИ во општинскиот Совет, повторно да ја разгледа коалицијата.
Од СДСМ веќе најавија дека може да пукне коалицијата со ДУИ во Струга .
– Коалицијата е заснована на заеднички интереси поврзани со интересот на сите граѓани, а не со лични интереси. Ако некој не се придржува до овие определби истата може да биде раскината. Ако изборот е помеѓу коалиција и градежен пустош немаме дилема, интересот на граѓаните е пред се. Нема да подржиме ништо што е спротивно на закон и нешто со што ќе биде загорзено охридското крајбрежје – изјави за медиуми Николина Велковска, советник СДСМ Струга.
Од СДСМ велат дека на последната седница на градскиот совет побарале информација за случувањата на крајбрежјето на потегот од излезот на Струга до Калишта, но истата не им била доставена. Им било ветено дека ќе ја добијат на првата наредна седница.