На протест против насилството врз жените денеска во Париз се собраа околу 50.000 демонстранти, јави дописникот на МИА.
Движењето кое го организира маршот во Париз, тврди дека во Франција имало околу 100.000 до 150.000 демонстранти.
Меѓу демонстрантите во Париз беше и активистичката група Фемен.
Минатата година во демонстрациите зедоа учество околу 50.000 лица од кои 30.000 во Париз, наведоа организаторите, додека полицијата од своја страна тогаш изброи само 12.000 демонстранти во главниот град.
Мобилизацијата е во контекст на зачестената медиумска присутност на насилството во кое жртви се жените во Франција.
Според статистичките податоци, од почетокот на годината 116 жени беа убиени во Франција од нивните сопружници, а 213.000 жени се жртви на физичко или сексуално насилство од страна на нивниот сопруг или поранешен сопруг.