За земјава не постои друга алтернатива, освен европската интеграција, изјави претседателот Стево Пендаровски на сребата со неговиот словенечки колега Борут Пахор во Нови Сад каде што учествуваат на 4. Регионален младински форум.
Како што соопшти претседателскиот Кабинет, на средбата е оценето дека двете земји имаат одлични односи кои се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање, а беа разменети и мислења за можностите за понатамошно унапредување и збогатување на соработката во повеќе области од взаемен интерес.
Пендаровски се заблагодари за отворената и конструктивна поддршка од Словенија за аспирациите на нашата земја за членство во ЕУ и во НАТО, што беше потврдена со ратификацијата на Протоколот за членство на земјава во НАТО, како и постојаната поддршка во рамките на Европската Унија.
Пахор на средбата ги повтори заложбите на Словенија за отпочнување на преговорите на земјава со Европската Унија.
Во таа насока, Пендаровски додаде дека интеграцијата на Северна Македонија, како и на другите земји од Западен Балкан во европските структури ќе биде огромен придонес кон трајна стабилизација на регионот, како и просперитетот на нашите општества, се наведува во соопштението од претседателскиот Кабинет.