Во кругот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид денеска е отворен Центар за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција за лица со аутизам, АДХД и Аспергер синдром.
Станува збор за проект на Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергер синдром „Во мојот свет, поддржан од Министерство за здравство преку отстапување на простории од болницата „Св.Еразмо“, додека трошоците за реконструкцијата и опремувањето на центарот се обезбедени преку Амбасадата на Република Чешка во Скопје.
До крајот на годината, во Охрид ќе почне со работа и Центарот за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција наменет за ран третман на деца со аутизам, АДХД и Аспергер синдром. Таа установа наменета за деца на возраст од две до осум години ќе биде сместена во охридската Општа болница.
Освен третманите на лицата со аутизам во двата центри ќе се спроведува и едукација на семејствата, со цел подобра грижа кон лицата со аутизам.