„Ќе те дигнам во воздух” се заканувал Грујевски на вработен во УБК ако прима туѓи наредби

2687

Поранешниот вработен во УБК како маркирач кој внесува телефонски броеви во системот за следење на комуникациите, Марјан Јанкуловски, на денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ раскажа и за закана која ја добил од обвинетиот поранешен началник на Петтата управа, Горан Грујевски, кој е обвинет во случајот, но се наоѓа во Грција каде доби азил.

Јанкуловски кој сега е пензионер, зборуваше за тоа од кој добивал наредби кои броеви да ги вметне за следење. Рече дека добивал од повеќе лица, а еден од броевите вметнал по наредба на Небојша Стајковиќ.

Тогаш Грујевски го прашал по чија наредба го вметнал тој број во системот, а откако маркирачот одговорил, тогашниот началник Грујевски му се заканил. “Ќе те дигнам во воздух ако ставиш број што не сме ти го дале или јас или Надица”, била заканата од Грујевски која во своето сведочење ја кажа маркирачот.

Јанкуловски е сведок по предлог на СЈО, тој ќе сведочи и на наредното рочиште на 12 декември кога ќе одговара на прашања на одбраната и на судиите.

Во „Таргет-Тврдина“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...