Пензионираниот маркирач од УБК, Марјан Јанкуловски кој внесува броеви кои треба да се прислушкуваат, сведочејќи на денешното рочиште за „Таргет-Тврдина“ рече дека се посомневал дека има злоупотреба на системите за прислушување затоа што имало броеви псевдоними за кои знаеле на кој се однесуваат и биле постојано вклучени за следење.
– Се посомневав, затоа што имаше некои псевдоними кои ние ги знаевме оперативно. Да речеме се знаеше дека псевдонимот „швалер” е Мендух Тачи, „деда” е Арбен Џафери. Чести беа такви броеви на познати лица за кои немаше никакви наредби, а беа нон-стоп вклучени на системот за прислушување – рече сведокот.
Тој зборуваше и дека од системот за следење се бришеле броеви кои се следеле секоја година, а потоа се внесувале повторно.
– Началникот на Петтата управа, Горан Грујевски, после неколку години од неговото вработување воведе некоја пракса пред Нова Година да се избришат сите броеви и псевдоними и после Нова година да се стават истите броеви со нови псевдоними – рече Јанкуловски.
Неговото сведочење е во тек. Во „Таргет-Тврдина првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.