Под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“, од 22 до 29 ноември, се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ кон која, веќе шеста година по ред, се приклучува и здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
ХЕРА е само една од над 750 организации од 53 европски држави кои учествуваат во активностите на Европската недела на ХИВ тестирање со цел да се зголеми пристапот и свесноста за важноста од тестирањето за ХИВ.
Според проценките на ХЕРА, денес во нашата држава 35 проценти од луѓето со ХИВ не се свесни дека се позитивни.
– Подобро е да се знае својот ХИВ-статус што поскоро, затоа што денес со терапијата која е достапна и кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго доколку се дијагностицирани навремено. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Редовното земање на терапијата е еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи луѓето кои редовно примаат терапија, имаат недетектибилно ниво на вирусот, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и доколку не се користи заштита, односно кондом. Затоа е толку важно навременото тестирање – велат од ХЕРА.
Во рамки на годинешната Европска недела на тестирање за ХИВ од денес до следниот петок, во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам“ на Водно ќе биде достапно бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, секој работен ден од 17.00 до 21.00 часот и за време на викендот од 11.00 до 15.00 часот. Заинтересираните за подетални информации можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.