Лица на возраст над 65 години, бремени жени, деца од шест месеци до пет години и хронично болните од денеска може бесплатно да се вакцинираат против сезонски грип во центрите за јавно здравје.
Вакцинацијата ќе се одвива во поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир, каде што ќе се одвива во периодот од 14 до 18 часот. Бесплатното вакцинирање против сезонски грип во Центарот за јавно здравје – Скопје ќе се одвива и во сабота од 7 до 14 часот.
Станува збор за вакцини од реномирани странски производители, меѓу кои 27.000 вакцини се од „Мајлон Абот“ (Mylon Abot), а 1.000 вакцини од „Санофи“ (Sanofi).
Набавени се 28.000 вакцини од кои 27.000 се за возрасни, а 1.000 се за деца. Секој кој сака да прими вакцина против грип и е опфатен во една од претходно наведените групи треба да закаже преглед преку системот „МојТермин“ кај матичниот лекар, а потоа да се упати во Центарот за јавно здравје во градот или во еден од трите пункта во поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир.