Народен правобранител по посетата на Боки 13: Сместувањето во Шутка му е задоволително

Тимот направил детален увид и се задржал во Шутка до доцна попладнево, а дополнително најавуваат дека останува да се провери и во Клиниката за гастроентерохепатологија, дали се испочитувани протоколите согласно медицина базирана на докази.

3380

Сместувањето на Бојан Јовановски – Боки 13 во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е на задоволително ниво, констатирал тимот од народниот правобранител кој вчера го посетил обвинетиот.

– Во текот на вчерашниот ден тим на Народниот правобранител изврши посета и направи увид во целокупната документација во Затвор „Скопје“, при што констатирано е дека сместувањето и третманот во притворското одделение спрема лицето Б.Ј. се на задоволително ниво, односно дека затворот ги почитува пропишаните процедури за третман на лице кое е во притвор – велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Тимот направил детален увид и се задржал во Шутка до доцна попладнево, а дополнително најавуваат дека останува да се провери и во Клиниката за гастроентерохепатологија, дали се испочитувани протоколите согласно медицина базирана на докази.

Покрај Народниот правобранител, вчера во вонредна инспекција биле и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) од каде утрово информираа дека не констатирале недостатоци кои се во нивна надлежност.

Од документацијата тие утврдиле дека во период од околу 4 месеци, колку што Боки 13 се наоѓа во притвор, тој 25 пати бил на прегледи со специјалистички и болнички упати.

„При тоа упатите се давани со претходно медицинско  известување до надлежниот суд  за добивање  на согласност за понатамошно лекување, но во дел од случаите пациентот е пратен со Итна медицинска помош до одредена здравствена установа во интерес на побрзо добивање здравствена услуга, за што постои уредна евиденција“, соопштија од ДСЗИ.

Адвокатот на Боки 13, Сашко Дукоски, пред два дена зборуваше за лошата здравствена состојба на неговиот клиент посочувајќи дека никој од здравствените власти не сака да преземе одговорност.

– Мене ова ми личи на состојба на сврзани садови каде има координација во медицинскиот третман и вакво однесување ме упатува кон тоа никој да не сака да се занимава со Бојан Јовановски – изјави Дукоски нагласувајќи дека во целата ситуација нема ниту трошка вина на судот и на затворот.

Јовановски се наоѓа во притвор од 15 јули кога се отвори првата истрага за случајот „Рекет“, а која се однесува на изнуда на пари од бизнисменот Орце Камчев со цел тој да добие полесен третман како осомничен во случајот „Империја“ на СЈО. Во случајот со него обвинета е и ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, и Зоран Милески – Кичеец, близок човек на Боки 13.

Јованоски е единствениот кој во моментов е во притвор во Шутка. Во куќен притвор е Кичеец, а од пред два дека и Јанева, чија жаба Апелација ја прифати и ја испрати во станот на нејзиниот син во Скопје.

За овој дел од „Рекет“ каде се опфатени тројцата истрагата е завршена, а судењето треба да стартува на 3 декември.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...