Голема заинтересираност владее кај граѓаните за бесплатните вакцини против грип, до кои се доаѓа преку закажување термин кај матичните лекари. Оние скопјани кои денеска се јавуваат за да примат вакцина во Центарот за јавно здравје, првите слободни термини ги добиваат на 2 декември. Но заштитата против грип се врши и во три скопски поликлиники. Бесплатната вакцинација почнува утре.
– Телефоните во ординација постојано ѕвонат и веќе се резервирани сите термини за ноември, од денеска почнавме да ги закажуваме пациентите за вакцинација за декември. За хронично болните не даваме потврди, тоа најмногу ги интересира овие пациенти, туку преку дијагнозата им закажуваме на Мој термин – вели докторка од скопски Аеродром.
Од Министертвото за здравство појаснуваат дека вакцините против сезонски грип се веќе пристигнати.
– Сите заинтересирани лица од 18 ноември можат преку својот матичен лекар да закажат бесплатна вакцинација, ова важи за сите пациенти со хронични заболувања. Како што веќе информиравме вакцинацијата против сезонски грип почнува на 22 ноември 2019 година – велат од ресорното Министерство.
За оваа сезона, 2019/2020 година, се набавени 28 илјади бесплатни вакцини за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, бремени жени, како и здравствени работници. Вкупно 27 илјади вакцини се производство на Mylon Abot, додека 1.000 на Sanofi.
Дополнително, набавени се и 21.000 комерцијална вакцина од Центрите за јавно здравство и во тек е оваа имунизација.
Од оваа година, според надлежните, се подобрува и достапноста на бесплатните вакцини против сезонски грип, покрај 10-те Центрите за јавно здравје, во вакцинацијата ќе бидат вклучени и три поликлиники: Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров при Здравствен дом Скопје.
Во Центрите за јавно здравје, вакцинацијата ќе се одвива во две смени, додека пак, бесплатната вакцинација во трите поликлиники ќе се одвива од 14 до 18 часот.
Во врска со тоа дека вакцините задоцнија оваа година, па наместо на почетокот и во средината на октомври, од скоро почна заштитата против грип, надлежните појаснуваат дека како и во изминативе сезони, пикот на активноста на вирусот на сезонски грип се очекува во месец февруари.
Вакцинацијата во ноември и во декември ќе обезбеди најголема заштита во периодот кога се очекува активноста на вирусот да биде највисока, во февруари 2020 година.
Во Институтот за јавно здравје се пријавени и првите над 100 заболени од грип, кои се регистрирани во околу 10 градови во земјата.