Судскиот совет најостро го осудува однесување на јавната обвинителка Вилма Рускоска и смета дека е во спротивност на Етичкиот кодекс на јавните обвинители.
Од Судскиот совет во денешното соопштение наведуваат дека како самостоен и независен орган на судството е основан со цел да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно Уставот и законите.
„Заради остварување на оваа цел, а по повод изјавата на јавниот обвинител за организиран криминал и корупција – Скопје, Вилма Рускоска, во врска со законитоста на Одлуката на Кривичниот совет при Апелацискиот суд Скопје за определување на мерката – куќен притвор, за обвинетата Катица Јанева, по спроведениот увид во Апелацискиот суд, Судскиот совет констатира дека ваквите изјави сo закана спрема судиите, од еден од учесниците во судските постапки претставува: Грубо кршење на принципот на еднаквост и рамноправност на учесниците во кривична постапка, влијание врз јавноста по однос на законитоста на судската одлука спротивно на Уставот и позитивните законски прописи, злоупотреба на правата во судска постапка, недозволено мешање и притисок врз судиите при донесувањето на судски одлуки и нарушување на угледот на судот и судската власт преку создавање на правна несигурност како еден од сегментите на принципот на владеeње на правото“, се наведува во соопштението од Судскиот совет на РСМ.