Судијата Осман Шабани кој го води случајот „Титаник“ издаде наредба за наредното рочиште обвинетиот Мартин Протуѓер да се спроведе затоа што денеска доцнеше на рочиштето закажано во 10 часот во Кривичниот суд.
Протуѓер се појави во судот со задоцнување од околу половина час, но Шабани го одложи рочиштето затоа што ќе нема време да се сослушаат сведоците бидејќи Миле Јанакиески, кој исто така е обвинет, во 12 часот треба да оди во Врховниот суд на јавна седница за домашниот притвор кој го доби во истрагата за Шпанските скали.
Во „Титаник“, покрај Протуѓер и Јанакиески обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски кој избега и доби азил во Унгарија, ексгенералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешната министрка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.