Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески е добитник на награда за најдобар дебитантски филм на филмскиот фестивал Let’s CEE во Виена, Австрија.
– Одлучивме да го наградиме филмот кој успева шармантно да ги спои драмата и комедијата. Филмот раскажува приказна за син кој му помага на својот татко, сместена во мала земја која се соочува со економски проблеми. Заедно со актерите и екипата, режисерот ни прикажува веродостоен лик кој наоѓа посебен кинематски рецепт да ја поправи скршената врска од минатото и да најде нов пат за себеси – изјави жирито.
Покрај наградата за најдобар дебитански филм „Исцелител“ доби и специјално признание од Синеплекс кои доделуваа награда за дистрибуција. Тие потенцираа дека „Исцелител“ „го изненадил жириото со хумористичниот начин на кој се справува со комплексна тема“.
Филмот се натпреваруваше во официјалната програма заедно со уште 13 филмови меѓу кои и: добитникот на награда на филмскиот фестивал во Сараево романскиот „Меда или не така добра страна на работите“ на Емануел Парву, добитникот на награда на фестивалот во Карлови Вари грузискиот „Деде“ на Мариам Катчавани, добитникот на награда на Софискиот филмски фестивал, бугарскиот „Радиограм“ на Рузие Хаснова, и други.
Покрај „Исцелител“ уште еден македонски филм освои награда на Let’s CEE, „Види ја ти неа“ на Горан Столевски ја доби наградата за најдобар краток филм.
Фестивалот во Виена има фокус на филмови од високо квалитетни продукции од Централна и Источна Европа, Турција и Кавкаскиот регион. Ова е шесто издание на фестивалот на кое беа прикажани повеќе од 155 долгометражни, документарни и кратки филмови.
Филмот „Исцелител“ од својата премиера до сега, за само три месеци, освои осум награди и учествуваше на 21 меѓународен фестивал. Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.