Дукоски: Кај Боки 13 може да настапи моментална смрт кога лежи

1000

Состојбата на обвинетиот Бојан Јовановски е животно загрозувачка, има низа препораки и документација за хоспитализација, но затворскиот лекар се противи. Топката си ја префрлаат и никој не сака да преземе одговорност и да го хоспитализира, алармира неговиот бранител, Сашко Дукоски.

– Кога е во хоризонтална положба составот во желудникот и желудочната киселина се враќаат во дишните патишта, тоа значи дека кога лежи може да се случи и моментална смрт – рече адвокатот Сашко Дукоски.

Тој најавува и кривична против затворскиот лекар, а кој сѐ друг ќе биде опфатен со пријави посочи дека ќе биде познато во иднина. Дукоски се чуди и на однесувањето на јавниот обвинител, кој се противеше за замена на затворскиот со домашен притвор, бидејќи како што рече, и обвинителот со свои очи ја видел гнасната сцена кога Боки 13 повраќал 15 минути во обвинителството и колабирал.

Поради лошата здравствена состојба, адвокатот вели дека не може ниту да подготват стратегија како ќе ја водат одбраната во „Рекет“ за кој судскиот процес треба да почне на 3 декември.

– Немаме никаква интенција за одолговлекување, се работи за кривично дело кое е направено пред катко време така што и на застарување не можеме ниту да помислиме. Јас го посетувал клиентот секој ден, но не можам со него да разговарам за ништо друго освен за неговата здравствена состојба. Не можеме да подготвиме стратегија, а мене адвокатската етика не ми доззволува да се појаван на судење неспремен, ниту јас ниту клиентот – вели Дукоски.

За суровото и нечовечко однесување, како и за несоодветната медицинска нега, тој нагласува дека судот и затворот немаат ниту тронка вина бидејќи постапуваат професионално, па неговата реакција е пред сѐ, за медицинските власти.

– Мене ова ми личи на состојба на сврзани садови каде има координација во медицинскиот третман и вакво однесување ме упатува кон тоа никој да не сака да се занимава со Бојан Јовановски – вели неговиот бранител нагласувајќи дека во целата ситуација нема ниту трошка вина на судот и на затворот.

Бранителот пред новинарите излезе со медицински документации и дијагнози и во детали и хронолошки го образложи влошувањето на здравствената состојбата на неговиот клиент и посочи дека два пати во изминатиот период е констатирано дека на Боки 13 му откажал левиот бубрег.

Адвокатот посочи состојбата на Јовановски почнала да се влошува после првата медицинска интервенција за стеснување на желудникот која ја направил затоа што имал проблеми со тежината и со кичмата. На два пати имал неуспешно подврзување на желудникот со тенкото црево.

– Иако имаше уверување дека сѐ ќе биде во ред за неколку месеци, тоа не се случи туку ситуацијата се влошува од ден на ден – рече Дуковски.

Влошувањето одело во насока што храната и желудочната киселина му се враќале и токму затоа адвокатот алармира дека Јовановски не може ниту да лежи.

За состојбата, рече тој, има документација од Клиниката за торакалана хирургија уште од 2 октомври 2019. И лекарот Зоран Спировски препорачал санирање на ваквата состојба за што треба сместување во болница бидејќи е потребен соодветен хигиенски и диететски третман.

– Е тука почнува префрлањето на топката. Клиниките во Скопје предлагаат и бараат хоспитализација, но затворскиот лекар не дозволува. Тој му вели спроведете си сам хигиенско диетски режим во ќелија – раскажуваше Дукоски, посочувајќи дека десетина дена подоцна, на 14 октомври, во градската болница „8-ми Септември“ било констатирано дека на Јовановски му е нефункционален левиот бубрег, односно има задебелување и лачење на темна мокрача и му е дадена терапија со еден од најјаките антибиотици – линдацин.

Меѓутоа, реагира бранителот, ништо не било преземено, па 15 дека подоцна неговиот клиент бил однесен во Универзитетската клиника каде ја добива истата дијагноза и му се препишува истата терапија.

– На 3 ноември тој беше однесен во „8-ми Септември“ и таму буквално лекарката на висок тон ги има предупредено затворските службеници дека мора да се започне со антибиотска терапија, па таа конечно започна – рече Дукоски.

Јовановски потоа имал и ретроскопија, а за утре му било закажана и колоноскопија – тоа е зафат кој се изведува на дебелото црево со локална анестезија и за него е потребно пациентот да биде на петдневен диететски режим.

– Таа интервенција требаше да се спроведе утре, за во петок попладне да му речат деа нема да ја прават на 20 ноември туку во понеделник на 18-ти, како да се работи за обичен пациент иако има протокол и третман од пет дена кој со ова му беше скратен на два – реагира Дукоски посочувајќи дека поради тоа Боки одбил да ја направи колоноскопија.

За да ја долови сериозноста на состојбата на Јовановски, адвокатот рече дека Боки 13 мокри крв и има крвата столица, а не може ниту сам да оди во тоалет.

Последниот преглед на обвинетиот бил во петокот, судот веднаш одговорил на барањето, а се согласил и ако треба притвореникот да се хоспитализира. Меѓутоа, и во таква ситуација, вели адвокатот, Боки 13 три часа бил чуван во затворското комбе додека медицинските авторитети да се договорат за на крај да кажат дека нема место за да го хоспитализираат.

– Се работи за алиби на здравствените власти каде никој не сака да преземе одговорност за Јовановски да биде хоспитализиран – смета адвокатот.

Бранителот е револтиран и од односот на дел од медицинскиот персонал кој често го омаловажувал по Боки 13, па кога бил носен на прегледи тој ги слушал како зборуваат меѓусебе „па што ако умре педерот“, „нека умре медерот“ итн.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...