Османи: Новата методологија го раздвижува процесот на преговори

115

Прв впечаток од нон-пејперот од Франција во врска со новата методологија за преговори со Европската Унија е дека процесот се раздвижува и очекуваме многу бргу усвојување на методологијата, а и одлука за започнување преговори, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи попладнево по средбата со францускиот амбасадор Кристијaн Тимоние.

По официјалното добивање на документот, Османи наведе седум позитивни работи. Позитивно е, рече, што нон-пејперот доаѓа бргу по октомврискиот самит затоа што нема запирање во процесот на преговори, туку динамиката веднаш се раздвижува и дека во моментот кога го добиле земјите членки, го добива и нашата земја за евентуално да учествува пред негово финализирање.

-Второ, претседателот Макрон јасно укажува дека нема алтернатива од полноправното членство во ЕУ. Односно дека крајната цел е полноправно членство. Така што, сите дебати за некакви алтернативи и други форми на приклучување се надвор од дебата, истакна Османи.

Позитивно во документот, според вицепремиерот, е што новата методологија предвидува вклучување во кохезиска политика и во структурни фондови пред самото членство. Затоа што сега пристап до структурните фондови имаат само земјите членки. Следно позитивно, што го подвлече Османи, е потенцирање на доброто владеење и постриктниот мониторинг преку редовните извештаи. Според него, тоа е најдобар начин да ги држи владите фокусирани и побрзо да го спроведат процесот на хармонизирање.

Позитивно во новата методологија, рече тој, е и реверзибилноста која може да биде позитивен стимулс во одржување на фокусот и во забрзување на процесот.

-Патоказите кои се индивидуални и се детални за секоја земја, исто така, може да бидат важни за одржување фокус и за побрзо хармонизирање. Методологијата предвидува и учество во телата на Советот уште пред членството што може да нè подготви за самото членство, истакна Османи.

На прашање дали новата методологија, особено предлозите за реверзибилност и пристапот до структурните фондови, ќе го забави темпото и може да ја држи земјава долго во процесот на преговори, Османи одговори дека не смета дека со оваа методологија може да зборуваме дали ќе се скрати или ќе се продолжи.

-Методологијата допрва треба да се дефинира. Советот ќе ја задолжи Комисијата да ја разработи неа и да направи подетален план и начин на функционирање. Така што, тогаш ќе знаеме подобро дали ќе се одрази во забрзување или во евентуално забавување. Во оваа методологија се дава само рамката како треба да изгледа новиот пристап, но не и динамиката, рече Османи.

Францускиот амбасадор Тимоние изјави дека со самото тоа што документот е презентиран во исто време како и за земјите членки, е со намера да се покаже дека ја сметаат нашата земја за партнер.

-Првичната проценка, а сметам нека ќе има уште забелешки, многу добро демонстрира дека не сме во драматична ситуација, туку сме во една ситуација во која чекориме заедно за Северна Македонија да се интегрира во реобновената Европска Унија.  Тоа беше кажано од Макрон уште од почетокот – не гледаме друга алтернатива освен интеграција на Западен Балкан.  Таа можност треба да биде вистински овозможена, не само да се даде датум и да се добие резултат за 20-30 години. Сакаме нешто што е функционално, изјави Тимоние.

Додаде дека иако имало многу различни ставови во врска од одлуката во октомври во Брисел, речиси сите биле согласни за потребата од промена на методологијата за да се обезбеди поголема функционалност.

-Првичната реакција е позитивна и се надевам дека ако ваквото позитивно расположение надвладее кај земјите членки, можеме да продолжиме многу бргу.  Би сакале работите да бидат решени на почетокот на 2020 за да бидеме подготвени за самитот во Загреб, бидејќи тоа е рокот кој си го поставивме. Сега почнавме да разговараме за методологијата. Треба да работиме на тоа, додаде Тимоние.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...