Вакви какви што сме, додека да се изнадише Зоран Заев – немаме шанси да станеме членка на ЕУ!

Македонија денес е царство на некомпетенцијата и на популизмот. Господ на Зорана Заев да му даде да се изнадише уште најмалку толку години колку што има, ама со вакво неодговорно владеење, ние нема да успееме да влеземе во елитното друштво. Потребни ни се темелни промени и на власта и на менталитетот на луѓето во Македонија.

11981

За да не се лути никој друг од медиумите, ќе цитирам наслов од вест на порталот Плусинфо: „Уставните судии утре ќе дискутираат за иницијативата со која може да ги спасат функционерите од затвор“. Веста е на агенцијата МИА и гласи вака: „Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати за утре закажал колегиум со судиите, на кој детално ќе дискутираат за иницијативата за членот 353, став 5, од Кривичниот законик, а која се однесува за злоупотреба на службената положба. По овој предмет уставните судии дискутираа на последната седница, а гласањето беше одложено за следната седница“. Следат две изјави на судијата Мурати од технички карактер и потоа кус бекграунд на веста: „Иницијативата за оценување на уставноста на став 5 од членот 353 за злоупотреба на службената положба е поднесена од адвокатот Еленко Миланов, кој брани неколку поранешни функционери“.

Ако бидете малку поупорни и прочитате неколку други вести на истата тема, можеби ќе најдете уште еден „битен“ детаљ. Порталот Фокус, на пример, под сугестивниот наслов „Уставните судии утре ќе решаваат за членот со кој може да спасат дел од обвинетите од СЈО“, пишува: „Тој (адвокатот Миланов – м.з.) предлага да се укине овој член, или да се прифати претходната поблага одредба, која пред 2009 година била за овие злоупотреби 4 години затвор минимум, со што би застареле дел од кривичните дела за кои се гонат поранешни функционери, а по обвиненија на СЈО“.

Пропагандата не дозволува стручна дебата

Како и да е, ќе ви биде потребно многу сурфање и многу истражување, за да сфатите што, всушност, бараат уставните судии Јован Јосифовски, Никола Ивановски, Осман Кадриу и Елена Гошева, кои на последната седница на Уставниот суд „биле најгласни“ (срам да им е!) во одбраната на иницијативата за испитување на уставноста на членот од Кривичниот законик за злоупотреба на службената положба и овластување, кога се во прашање постапките за тендери. Станува збор за членот од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, при што има направена штета на Буџетот, а опфаќа најголем дел од обвинетите од СЈО.

Според медиумската пропаганда на Заев, на која, ете, подлегнуваат и сериозни и професионални медиуми, сѐ што треба јавноста да знае е дека станува збор за иницијатива со која наводно требало да се спасат обвинетите од предметите на никогаш непрежаленото СЈО. Со тоа се дисквалификува секakov обид за дебата за аргументите на подносителите на иницијативата. Па така, најголем дел од јавноста не може да дојде ни до елементарна информација што е спорно во овој член од Кривичниот законик.

Без намера да заземам страна – не сум експерт по право, тоа го повторугам повеќе пати, но сум новинар кој има обврска да биде љубопитен и да ги постави сите прашања – ќе потсетам дека според иницијаторите, спорно е тоа дали службено лице може да биде одговорно за јавна набавка, кога за тоа одлучува комисија. Според сегашната законска одредба, станува збор за претпоставена одговорност, што значи дека се претпоставува дека службеното лице кое активно не учествува во јавната набавка може да провери незаконитост и со тоа да ја преземе одговорноста. Иницијаторите велат дека се остава и простор за произволно толкување за постоење на штетата со ваквиот квалификаторен елемент.

Според запретената санкција, пак, ова дело се изедначува со убиство. Така, во постарите верзии на Кривичниот законик била пропишана поблага казна за делото. Но, во 2004 година, со измените во КЗ, се предвидува казна од 4 години затвор за злоупотреби со јавните набавки, а со измените во 2009 година, овој член бил променет во однос на висината на казната и е пропишана казна затвор од најмалку 5 години. Ова „најмалку“, макар теоретски, значи дека казната може да биде и до 20 години затвор.

Накусо, иницијаторите за испитување на уставноста на овој член од Кривичниот законик тврдат дека одредбата е нејасна, непрецизна и произволна, а запретената казна е драконска. Тоа се сериозни аргументи во прилог на потребата да се отвори стручна и јавна дебата за оваа тема, без товарот на пропагандната теза дека целта на иницијативата е да се спасат обвинетите од страна на СЈО. И уште кога ќе се наредат нивните имиња, почнувајќи од Никола Груевски па надолу, јасно е дека простор за таква дебата веќе не постои.

Пропаднавме начисто – Кирацо закон ќе предложел!

Втор пример. Овој пат насловот е преземен од повеќе портали: „Заев на трибина во Велес: Потребен е целосен ветинг во судството, слободата не дозволува да застаруваат предмети“. Заев е нервозен поради фактот што малку случаи што ги отворило СЈО немаат судска разрешница. И треба да е нервозан, бидејќи неговата омилена грација, наместо да работи како што треба, си играла „хип-хоп“. Тоа Заев, кој долго време нѐ убедуваше во нејзината невиност, не може да го признае. И секако, не може да ја признае сопствената одговорност за таа страшна хаварија. Но, еве, јас уште сега ви најавувам дека наскоро и тоа ќе се смени, бидејќи мојот серијал за аферата „Рекет“ го немам завршено. А како што слушам, некои други исто така опасно се спремаат…

Нејсе, зборувајќи за предметот познат како „Траекторија“, за кинеските кредити за автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, во кои обвинети се Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, поранешниот министер Миле Јанакиески и бившиот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, предмет за кој пред неколку дена Кривичниот суд донесе одлука да го запре судењето за Груевски поради застареност на делото, а државата да му ги плати судските трошоци (за останатите обвинети судскиот процес ќе продолжи), Заев се заканува: „Груевски се спасил со застареност за кинеските кредити. Додека јас дишам, Груевски нема да се спаси. Нема да се спаси поради тоа што предметот е жив. Предметот ќе тече, ќе се донесат одлуки. Ќе се дознае целата вистина и на крајот ќе си одговараат сите. Јас верувам дека Груевски е главата на ова дело, поради тоа што тие 5 посто, тие 15 милиони евра провизија, ги договорил, ги организирал и ги зел тој. Јас сум го слушнал ова, но судот треба да го докаже“.

Де, де, де… Сме го слушнале ние ова „додека дишам“ повеќе пати. И сме ги слушнале ние Заевите неформални пресуди уште повеќе пати, за потоа да излезе дека се тресела гората и се родиле глувчиња. Или, како беше она – баклавата изедена, тепсијата стоо. Но, популизмот дивее и сега целата јавност се бунтува против застарувањето на кривичните дела, не прашувајќи зошто се случува тоа. Виновен ни е законот. Политичкиот аналфабет Александар Кирацовски (во обид да се врати во игра после срамот со аферата „Рекет“), најавува дека тој ќе предложел измени на закон, со кој кривични дела направени од избрани и именувани функционери нема да застарувале. Кирацо ќе предложел закон – е начисто пропаднавме! Настрана фактот што кутриот почитуван пак ќе се изрезили и ќе предложи дискриминаторна законска одредба (која, ако биде усвоена, ќе се најде на дневниот ред на Уставниот суд), тој не сфаќа дека таа одредба нема да може да важи ретроактивно, ако не е поповолна за обвинетите. Ама, нормално, Кирацо тоа не може да го разбере, бидејќи не го знае тој темелен принцип на правото.

Општо земено, наместо да го напаѓаат инсититутот застарување, кој важи во сите европски законодавства, како во кривичните така и во граѓанските постапки (со исклучоци кои се однесуваат на најтешките облици на кривични дела, се разбира), никој кај нас сега не сака да расправа зошто, всушност, застаруваат постапките. Никој не сака да си ја постави дилемата дали можеби некои од тие кривични постапки воопшто и не требало да почнат, дали истрагите се извршени квалитетно, дали се собрани валидни докази, дали при тоа воопшто е водена сметка за факторот време, дали обвинителите на судските рочишта правилно ги изведувале доказите и се фокусирале на главните теми (или ја забавувале јавноста, заради „уметнички впечаток“) и воопшто, кој објективно е виновен што делата застаруваат. Виновникот секако не може да биде законот и самиот институт застарување.

Пред неколку дена, повикувајќи се на апсолутна застареност (оставам Кирацо да поднаучи и после да го испитаме што е тоа „апсолутна застареност“), обвинителот во случајот „Тенковски делови“ го преквалификува делото и побара прекин на постапката. Обвинетиот поранешен премиер Владо Бучковски не се согласи со тоа и побара судот да донесе ослободителна пресуда. Предметот се влече од 2007 година, што ќе рече дека Бучковски цели 13 години ја докажувал својата невиност, а обвинителот исто толку време не успеал да ја докаже неговата вина. Дали овој проблем ќе го реши ветингот што ни го ветува Заев и за кој ќе се борел „додека дишел“?

Пропаганда со Гебелсовски манири

Глупости, тоа се приказни за мали деца! Односно, приказни за наивни избирачи, особено за оние кои „од дното на душата“ имаат одлучено на овие избори да не гласаат, бидејќи сфатиле дека паролата „нема правда, нема мир“ беше само цуцла лажалка со која Заев ги подлажа да гласаат, за тој да ја зграби власта и потоа да не го исполни своето клучно ветување. Луѓето, во принцип, не се глупави, иако не се доволно информирани и се разбира, не се експерти за сѐ и сешто. Оттаму, примарната задача на секоја пропаганда со Гебелсовски манири – а таква станува пропагандата на Зоран Заев – е да се спречи слободната и плодна дебата, да се спречи можноста луѓето да навлезат во сржта на проблемите и да сфатат зошто некои нешта не се случуваат онака како што тие посакуваат и како што им се ветува.

Се разбира, нашиот примарен рефлекс е да се бунтуваме против криминалот и корупцијата, против неказнивоста, против манипулациите, против застарувањето на постапките. Но, ако се обидеме макар малку да загребеме под површината и ако си ги поставиме суштинските прашања (ако се впуштиме, значи, во дебата, во која банка на маса ќе држат компетентните експерти, а не недоветните популисти, лажговците и разноразните дрвени филозофи), ќе дојдеме до клучниот проблем, до фактот дека и нашиот правен систем и нашата правосудна пракса не се совршени и затоа се неопходни коренити реформи. И потоа ќе сфатиме дека оваа власт пропушти златна можност да спроведе реформи во правосудниот систем, па затоа сега се вади на евтин популизам и на нови лажни ветувања, поврзани главно со белодробните капацитети на Зоран Заев.

Македонија денес е царство на популизмот и некомпетенцијата, драги мои! Како во правосудството, така и во многу други клучни области на општествениот живот. Мора да сфатиме дека вакви какви што сме, немаме никакви шанси да мрднеме кон Европската унија, макар, по некое чудо, уште утре да ги почнеме преговорите со Брисел. Макрон и Меркел сепак направија прецизна проценка дека за балканските популистички режими мора да се стокмат нови правила за преговарање, кои ќе обезбедат длабоки и неповратни реформски резови во земјите кандидатки. Со вакво неодговорно владеење, додека Зоран Заев дише – а да му даде Господ да подише уште најмалку толку години колку што има – ние нема да успееме да влеземе во елитното друштво. Затоа, потребни ни се темелни промени и на власта и на менталитетот на луѓето во Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...